Претседателката Гордана Сиљановска Давкова на свечена церемонија со највисоки државни и воени почести ја пречека Друпади Мурму, која е прв претседател на Република Индија кој дошол во официјална посета на Македонија.

Како што соопшти Кабинетот на Сиљановска Давкова, по тет-а-тет средбата следел пленарен состанок на македонската и на индиската делегација.

Предмет на разговорот беа актуелните македонско-индиски односи, со акцент на можностите за соработка во економијата, образованието, науката, културата, туризмот, здравството и дигиталната трансформација.

Соговорничките разменија мислења за глобалните состојби, укажувајќи на потребата од почитување на меѓународното право и мирното решавање на споровите.

За Сиљановска Давкова, посетата е важен исчекор во проширувањето и зајакнувањето на соработката. Во заедничкото хумано наследство на Света Мајка Тереза, како и во искуството од Движењето на неврзаните, таа препознава цврсти темели на новата ера во македонско-индиските односи.

Според неа, македонската геостратешка положба, инфраструктурните коридори и лесниот пристап до европскиот пазар, може да бидат од особен интерес за индиските инвеститори.

Друпади Мурму оцени дека нејзината прва посета на државава е историски момент и изрази волја за нова динамика во сестраното партнерство меѓу двата народа.

Според обете, политичкиот дијалог и меѓуинституционалната соработка се претпоставки за продлабочувањето на севкупните односи.

The post МАКЕДОНСКАТА ГЕОСТРАТЕШКА ПОЛОЖБА МОЖЕ ДА БИДЕ ПРИВЛЕЧНА ЗА ИНДИСКИТЕ ИНВЕСТИТОРИ Сиљановска Давкова ја пречека претседателката на Индија appeared first on plusinfo.mk.