Македонска државјанка (43) е уапсена во Улцињ под сомнение дека со автомобил намерно прегазила и усмртила куче, соопшти Полициската управа на Црна Гора.

Според информациите, станува збор за С.С., која по наредба на Основното државно обвинителство во Улцињ е лишена од слобода и против неа е поведена кривична постапка.

Од полицијата наведуваат дека по настанот осомничената се обидела да ја напушти Црна Гора, но била запрена на граничниот премин Сукобин – Муриќани.

Инцидентот бил пријавен денеска околу 15:15 часот, кога сопственикот на кучето пријавил дека лице кое управувало бел „Мерцедес“ со скопски регистарски таблички намерно го прегазило и усмртило неговото куче на една улица во Улцињ.

Полициските службеници веднаш извршиле увид, го утврдиле идентитетот на возачот и започнале потрага. Околу 16:40 часот осомничената била пронајдена и запрена на заедничкиот граничен премин меѓу Црна Гора и Албанија.

По приведувањето, таа била спроведена во полициските простории, каде што била извршена кривична обработка. Во законски предвидениот рок ќе биде изведена пред надлежниот државен обвинител.

The post Македонска државјанка уапсена во Улцињ поради сомнение дека усмртила куче со автомобил appeared first on Прва Скопска ТВ.