
„Кога би бирале меѓу САД и Куба, јасно е која е страната која треба да ја избереме“ – ваков е ставот на шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски откако Македонија повторно се најде меѓу државите што се спротивставија на укинувањето на американското ембарго кон Куба. „Зошто нашата држава би застанала да поддржи режим на брутален диктатор, кој својот народ го оставил без енергенси, храна и медицински производи“, праша Муцунски на заедничката прес-конференција со својот словачки колега Јурај Бланар, кој беше во официјална посета на земјава.
Во јавноста се поставува дилемата каква конкретна корист има Македонија од гласањето против резолуцијата за Куба. За дел од познавачите на состојбите, од аспект на надворешни политики, за промена како држава добро е да имаме некогаш и став различен од воздржан, статус кво или придружување на масата. Според истражувачката Матеа Карговска од невладината „Евротинк“, ова се некои преземени маневри за да може да продолжи да се гради стратешкото партнерство на Македонија со САД, иако во последниот период сме сведоци на радикални промени кои ги наметнува американскиот претстедател Трамп.
Сепак, во разговор за „Локално“ порачува дека не може, а да не потенцираме дека голем број на странските инвестиции во Македонија биле дојдени од страна на САД, а како што најави и премиерот пред околу еден месец од својата посета на Вашингтон, се очекува истите да продолжат, па претпоставува дека оттука потекнува одлуката да се гласа против.

Фото: Архива
Колку за потсетување, во 2024 година, Македонија се приклучи кон изјавата на ЕУ дека американското ембарго има штетни последици врз кубанската економија и животниот стандард. Карговска потенцира дека Македонија како мала држава со ограничен дипломатски и економски маневарски простор, мора да балансира меѓу своите стратешки партнери и националните интереси. На крајот на денот, вели тоа е суштината на дипломатијата, постојано пронаоѓање рамнотежа меѓу различните интереси и приоритети.
Од една страна, Европската Унија е нашата стратешка определба и крајната цел е полноправно членство. Свесни сме за предизвиците и застојот во евроинтегративниот процес, но тоа не ја менува важноста на европската перспектива за државата. Од друга страна, САД се наш стратешки партнер, а во последниот период се најавени и конкретни можности за американска финансиска поддршка и инвестиции во капитални проекти, оценува соговорничката и токму затоа смета дека Македонија се наоѓа во специфична дипломатска позиција во која мора внимателно да ги балансира односите со двата партнера.
-Сепак, не мислам дека балансирањето треба да значи автоматско следење на која било страна. Напротив, како држава треба да имаме сопствена надворешнополитичка процена и јасно дефинирани национални интереси. Можеби најголемиот предизвик за македонската дипломатија е да успее да ги зачува стратешките партнерства и со ЕУ и со САД, без притоа да создаде впечаток дека нејзините надворешнополитички позиции се менуваат во зависност од моменталните геополитички околности, посочува Карговска.
Запрашана дали смета дека Министерството за надворешни работи прави процена на тоа како ваквите гласања влијаат врз угледот на Македонија кај европските партнери, истражувачката од „Евротинк“ во суштина смета дека не било размислено пред да се преземе ваквиот потег, што значи дијаметрално спротивен одговор од одговорот во 2024 година, кога Македонија изјави дека американското ембарго е несоодветно по иднината на Куба.
Во однос на ЕУ, важно е да се направи разлика помеѓу самостојното носење одлуки и отстапувањето од европските надворешно-политички позиции. Нашата европска интеграција треба да се темели на партнерство, меѓусебна доверба и усогласување на ставовите, но тоа не треба да значи отсуство на сопствена дипломатска процена, децидна е Карговска.
Околу тоа ако евентуално утре некоја голема сила воведе економски ограничувања што директно ги погодуваат македонските граѓани и компании, дали би очекувале ли од другите држави да гласаат според принципите на меѓународното право или според односите со таа сила, Карговска нагласува дека дека не може да се даде целосно еднозначен одговор, бидејќи политиката не е формула, туку жива и флуктуирачка појава. Во вакви ситуации, според неа, секоја држава првенствено ги разгледува сопствените национални интереси и можностите за нивна заштита, особено кога станува збор за притисоци од големи меѓународни сили.
-Секако, можеме да очекуваме и да се надеваме дека другите држави би се воделе од принципите на меѓународното право доколку Македонија се најде во таква ситуација, но, истовремено, мораме да разбереме дека меѓународните односи се двонасочна улица и дека секоја држава има сопствени приоритети, партнерства и надворешнополитички интереси.
Доколку гледаме исклучиво од аспект на меѓународното право, најправедно би било одлуките да се носат врз основа на правните принципи, без оглед на моќта или влијанието на државата за која станува збор. Сепак, реалноста покажува дека политичките и економските интереси честопати влијаат врз начинот на кој државите ги применуваат тие принципи, вели соговорничката, додавајќи дека е важно Македонија да се залага за доследна примена на меѓународното право, бидејќи принципите на кои денес се повикуваме за другите држави, утре може да бидат важни и за заштита на нашите сопствени интереси.
-Но повторно ќе кажам, не може да се гледа меѓународното право изолирано од реалните и практичните политички динамики, кои стануваат со се поголемо темпо, закчучува Карговска.

Фото: Принтскрин/Јутјуб/Обединети Нации
На гласањето во Генералното собрание на Обединетите нации, одржано на 28 октомври, 130 држави го поддржаа повикот за прекин на економските, трговските и финансиските ограничувања, додека Македонија беше меѓу 17-те земји што гласаа против. Ова не е првпат Македонија да гласа против резолуцијата. Во 2025 година таа беше меѓу само седум држави што се спротивставија на повикот за укинување на ембаргото. Годинава бројот на држави што гласаа против се зголеми на 17.
-Можам да кажам дека повеќе години гласаме на оваа линија. Второ јас тоа што би го кажал е дека и неколку земји членки на Европската Унија исто гласаат по однос на таа резолуција на линијата на која ние гласавме. Се придружи Словенија како нова земја во текот на вчерашниот ден на истата линија покрај другите земји кои што гласаат како нас, додаде вчера Муцунски. Меѓу другото, кажа и дека во интерес на нашата држава не гледа никаква логика да не го поддржиме нашиот стратешки партнер за нешто што е нивен геополитички интерес.
Ембаргото на САД врз Куба беше воведено во 1960 година, по револуцијата предводена од Фидел Кастро и национализацијата на имотот на американските граѓани и компании. Односите меѓу двете земји дополнително се влошија откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп најави царини за земјите што ѝ продаваат или испорачуваат нафта на Куба.
Н.П.