
Македонија има врвни научници кои како индивидуалци имаат големо значење, но според меѓународните рангирања, македонски Универзитет нема меѓу првите петстотини, изјави Марјан Бојаџиев, претседател на Платформа за академско рангирање на универзитетите во балканскиот регион (АРБУ).
На презентацијата на резултатите од истражувањето кое го направиле е дека освен што на двете рангирања од Лондон и на рангирањето од Шангај нема универзитет од Македонија се намалува и бројот на трудови од научни истражувања од македонски професори кои се цитирани во светски рамки.
-Ние заостануваме. Кај нас бројот на цитати низ годините е едноцифрен, а кај другите балкански земји е двоцифрен. Само кај Загреб е едноцифрен, но таму има огромна маса. Целта е да се доближиме до Белград, бидејќи Загреб е многу пред нас. Има законска норма и финансиска патека тоа да го подобриме, изјави проф. Бојаџиев.
Објасни дека при рангирањето на универзитетите прво се зема научно-истражувачката дејност, потоа наставниот процес и на крај влијанието што тие го имаат во општеството.
Тој рече дека рангирањето на балканските универзитети кои го направиле е идеја на група истражувачи. Според ова рангирање индивидуалниот придонес што го имаат одреден број македонски истражувачи е многу значаен.
-Врвните 25 истражувачи во Македонија кои ги поканивме денес имаат продукција колку следните 75, а сите заедно имаат научна продукција колку што имаат три илјади и нешто професори во Македонија. Овие сто индивидуи ако ги поттикнеме ќе можат уште повеќе да придонесат. Очигледно е дека имаме шампиони, но немаме шампионски систем. Има индивидуалци кои даваат добри резултати, но системот не функционира како треба, изјави Бојаџиев.
Додаде дека за да се надмине оваа состојба потребно е да се промени начинот на финансирање на истражувачките проекти, што е предлог и на Светска банка, но дека е потребно да се отворат и позициите на македонските универзитети и на нив да може да предаваат и да работат професори од странство.
-Отворете ги сите позиции да бидат меѓународни да може на огласите да се јават и странски професори. Јас предавам 10 години во Италија, ама од Италија не може овде во Македонија да предава, изјави Бојаџиев.
Е.Б.