Нема обид за усвојување на уставните промени согласно преговарачката рамка, добрососедските односи со Бугарија се од суштинско значење и е потребен дијалог со Софија, историската комисија има средби, но не и резултати. Во одредени случаи не се користи новото уставно име, што може да ги наруши односите со Грција – ова е дел од Извештајот за напредокот на Македонија.

Во извештајот има и позитивни поместувања, бидејќи земјава ги засилила напорите за исполнување на барањата од Реформската агенда. Правосудството бележи одреден напредок, но не и борбата против корупцијата. Политичката поларизација, пак, го кочи усвојувањето на важни реформски закони. Комисијата забележува слаба конфискација на криминален имот и загубени европски средства, ризици во јавните набавки, недоволна независност на медиумите и сериозни слабости во заштитата на човековите права.

„Северна Македонија неодамна ги забрза реформите со Планот за раст и работи напорно да се подготви за членство во ЕУ. Сега треба да видиме повеќе напредок во борбата против корупцијата и реформата на јавната администрација. Во врска со усогласувањето со европското законодавство, Северна Македонија е меѓу земјите со најголема подготвеност. За да се откочи следниот чекор на преговорите и отворањето на Кластерот 1, земјата мора да направи уставни промени договорени во 2022 година во врска со националните малцинства“, изјави еврокомесарката за проширување, Марта Кос.

За експертите и познавачите на состојбите, се чини дека ова е еден од понегативните извештаи во последните години, особено во однос на кластерот Темели и кога ќе се спореди со претходните извештаи од 2022 до 2026 година. Притоа, според извршниот директор на „Преспа институтот“ и познавач на состојбите, Андреја Стојковски, проблемот не е само што уставните измени не се усвоени. Комисијата оценува дека нема напредок во борбата против корупцијата, дека предметите за висока корупција се одложуваат и дека сериозните проблеми во судството — независноста, ресурсите и финансиската автономија — остануваат, а во одредени аспекти се продлабочуваат.

-Тоа се области во кои граѓаните очекуваат промена, но, тие не се важни само заради домашната доверба во институциите – од нив зависи владеењето на правото, една од основните вредности на Европската Унија и суштински критериум за членство, вели Стојковски и потенцира дека не може секојпат одговорноста да се префрла на претходните влади.

Фото: Фејсбук/Андреја Стојковски

-Дел од проблемите можеби се наследени, но оваа Влада е на власт две и пол години и време е да преземе одговорност за резултатите — и за она што во тој период не е направено, посочува, Стојковски, додавајќи дека во извештајот има и позитивни оценки, особено за спроведувањето на Реформската агенда и за одредени секторски области, но, тие не ја менуваат главната слика – Владата може да испорача во некои области, но не испорачува таму каде што тоа е пресудно за довербата во институциите и за напредокот на пристапниот процес.

-Затоа ова не е само извештај за проблемите на државата; тоа е и оценка за тоа што актуелната Влада не успеала да го промени, дециден е Стојковски.

Еврокомесарката порача дека и покрај подготвеноста, единствен начин да се излезе од ќорсокакот се уставните измени и дека топката е кај нас…Соговорникот вели дека можно е да се постигне национален консензус за промени на Уставот ако излеземе од логиката дека ова е победа на една партија или пораз на друга.

-Уставните измени се преземена обврска и предуслов за следниот чекор во преговорите. Прашањето е како да ги спроведеме одговорно, со широк политички и општествен договор и со јасно објаснување на секоја одредба пред граѓаните. Јас сум за уставни измени направени паметно, со достоинство и со поглед кон иднината. Европската интеграција и зачувувањето на нашиот национален идентитет не се спротивставени цели. Пред нас е избор каква иднина ќе ѝ обезбедиме на државата: застој и изолација или европска перспектива, развој и посилни институции, објаснува познавачот на состојбите.

За тоа ни е потребна, додава Стојковски, визија за државотворност и самодоверба. Нагласува дека Северна Македонија може да го изгради своето место во Европа како држава во која Македонците, со македонски јазик и сопствен идентитет, се рамноправни со другите граѓани на Европската Унија.

-Пристапниот процес треба да ни помогне да ги зајакнеме институциите, правата и еднаквоста, а истовремено и самодовербата во македонскиот јазик и идентитет. За консензусот да биде можен, потребни се отворен јавен и парламентарен процес, конкретен текст, јасни чекори и прецизно разбирање на преземената обврска. Партиите треба да ја стават стратешката цел на државата пред краткорочната политичка пресметка. Национален консензус не значи сите да мислиме исто; значи да се договориме како да ја движиме земјата напред, со самодоверба во тоа кои сме, заклучува извршниот директор на „Преспа институтот“.

Фото: Делегација на ЕУ во Македонија

Документот е реален приказ на досегашните постигнувања, но и на предизвиците што претстојат во процесот на европската интеграција, напиша спикерот Гаши на Фејсбук, откако од евроамбасадорот Михалис Рокас го доби извештајот. Тој изрази задоволство што Европската комисија препознала подобрувања во работата на законодавниот дом, особено во однос на усвојувањето на Етичкиот кодекс, Стратешкиот план за периодот 2027 – 2031, зајакнувањето на парламентарниот надзор и постигнатиот меѓупартиски договор за значајни институционални именувања.

„Со целосна сериозност ги прифаќаме и критичките оценки во однос на отсуството на политички консензус за одредени прашања и зголемената употреба на скратените постапки. Овој извештај треба да биде поттик за забрзување на процесот и за докажување дека нашата држава е посветена на европските вредности и стандарди“, објави Гаши.

Амбасадорот на Европската Унија во земјава попладне во Владата ќе му го врачи и на премиерот Христијан Мицкоски извештајот на Европската комисија, а по средбата, двајцата ќе одржат заедничка прес-конференција.

Н.П.