
Унгарија го истражува заемот од една милијарда евра што претходната влада на Виктор Орбан ѝ го додели на Македонија под многу поволни услови, изјави унгарскиот премиер Петер Маѓар.
Унгарскиот премиер нагласил дека заемот даден на Македонија, преку државната „Ексимбанк“, има многу поповолна каматна стапка од каматната стапка по која унгарските компании и Унгарците добиваат заеми, но и од стапката по која унгарската држава зема заеми.
„Заемот, одобрен со каматна стапка од 3,25 проценти, со целосен ризик обезбеден со 100-процентна владина гаранција, е меѓу неколкуте трансакции поврзани со Ексимбанк кои сега се проверуваат“, рече Маѓар.
Како пример, тој ја наведе нуклеарната централа Пакш, во врска со која Унгарија доби средства со значително повисока каматна стапка, како и во многу други договори.
Претседателот на унгарската Влада рече дека заемот за Македонија може да значи дека претходната влада користела средства наменети за поддршка на унгарските компании за да го зајакне странскиот политички сојузник и потенцијално да фаворизира пријателски компании.
Премиерот Христијан Мицкоски пред повеќе од еден месец изјави дека преку кредитната линија позната како „унгарски кредит“ досега се пласирани 230 милиони евра за поддршка на домашните компании и претприемачи. Кредитите се со каматна стапка од 1,95 проценти, три години грејс-период и рок на отплата до 12 години.
Македонија во 2024 година склучи два договори со унгарската „Ексимбанк“, секој во вредност од 500 милиони евра. Првиот беше потпишан на 8 октомври, со рок на отплата од 15 години, тригодишен грејс-период и фиксна камата од 3,25 проценти. Владата тогаш тврдеше дека условите се значително поповолни од задолжување преку нова еврообврзница.
Од првите 500 милиони евра, 250 милиони беа наменети за кредитирање домашни компании преку Развојната банка и комерцијалните банки, додека другиот дел беше поврзан со општински проекти и одржување на буџетската ликвидност. Владата ги пласираше парите кон компаниите со пониска камата од онаа што државата ја плаќа кон Унгарија, при што разликата и дополнителните трошоци се покриваат преку буџетскиот механизам.