Белорускиот претседател Александар Лукашенко е уверен дека војната во Украина ќе заврши за неколку месеци. Ова го изјави на четвртата меѓународна конференција за евроазиска безбедност во Минск, пренесува белоруската државна новинска агенција BelTA.

„Војната во Украина ќе заврши во рок од неколку месеци. Тоа е мое лично мислење. Сите се исцрпени, веќе нема ресурси, сите се уморни“, наведе белорускиот лидер.

Појасни дека притоа не мисли на недостаток на материјални ресурси, истакнувајќи дека Русија ги има во изобилство и доволно за целиот свет. „Зборував за друг вид ресурси. Луѓето се психички исцрпени. На сите им е доста од оваа војна“, нагласи тој.

Лукашенко изјави дека тоа конечно почнува да го сфаќа и Европа, која, според неговите зборови, во голема мера ја поттикнуваше ескалацијата на судирот. Потсети дека во 2022 година судирот можеше да заврши за неколку недели, па дури и денови, и соопшти дека Белорусија вложила значителни напори за тоа да се случи.

„Но западните ‘пријатели’ на Киев бараа борба ‘до последниот Украинец’ и го снабдуваа нашиот јужен сосед со оружје. Го видовме тоа: тие транспорти се движеа во близина на нашите граници. Загубена е вистинската можност да се постигне мир и да се спасат илјадници животи“, тврди тој.

„Ако сега не ја запреме војната во Украина, како што предлага и самиот Трамп, туку продолжиме по патот на ескалацијата, сигурно ќе стигнеме до трета светска војна. Големите политичари веќе отворено зборуваат за тоа како таа би можела да заврши. Од нуклеарен удар не можете да се засолните ниту од другата страна на океанот. Затоа Трамп прави нешто многу важно“, продолжи тој.

Лукашенко истакна дека Русија во Украина сега се бори практично против целиот Запад.

„Не повторувам нечии наративи, ниту руски ниту чии било други. Тоа добро го знаеме. За тоа сум многу добро информиран, сè до гласовите од рововите што доаѓаат од одделни западни држави. За жал, таму ги нема само западњаците. Има и луѓе од Азија и Африка кои заработуваат на крв“, наведе тој.

Белорускиот претседател смета дека е подобро што поскоро да се постигне мировен договор бидејќи во одреден момент тоа секако ќе мора да се случи.

„Не би рекол, како што прават многу новинари, дека во Украина во моментов има кланица. Не. Но многу луѓе гинат на двете страни. Дали ни треба тоа? Никому не му треба. Затоа мораме некаде да ја оставиме сопствената гордост и да сфатиме што би можело да се случи утре“, порача Лукашенко.

Предупреди и на непредвидливоста на војната и нејзините последици. Според неговите зборови, интересите што одделни држави во моментов ги застапуваат би можеле да се распаднат за само еден ден.

„Војната е специфична и опасна и затоа што може да донесе секакви страшни пресврти. Во моментов ја проценуваме ситуацијата, вклучително и онаа во Украина и на Блискиот Исток, врз основа на она што сега го знаеме и како сето тоа го гледаме. Но утре може да се случат настани што би можеле целосно да ја превртат таа ситуација. Токму тоа е суштината навоените операции и сериозните судири“, истакна тој.

„Ако некој денес од страна ги набљудува тие настани и мисли дека може да остане настрана, утре би можело да се покаже дека тоа не е можно. Затоа ни е целосно јасно дека мораме да запреме за да не дојде до таков опасен пресврт“, заклучи Лукашенко. Неговите зборови беа проследени со аплауз во салата.

„Нема потреба да се поттикнуваат тензии на коеш било место. Има доволно нафта, гас и други ресурси за сите. Мора да се договориме барем за основните работи. Мора да престанеме да пукаме и да почнеме да разговараме. Ако не сакате тоа да се случи во Минск, можеме да се сретнеме во која било друга земја. Со задоволство ќе дојдеме со голема делегација“, додаде белорускиот претседател.