Претходната политичка опција пет години по ред не успеа да го донесе Законот за употреба на македонски јазик, и ние како политичка партија моравме да се вклучиме и да го изработиме и да им го донесеме во Собрание, изјав денес министерот за култура и туризам Зоран Љутков, во одговор на новинарско прашање како ќе ги коментира критиките од опозицијата дека не прави доволно за заштита на македонскиот јазик.

Тој објасни дека целиот проблем со примената на Законот за употреба на македонскиот јазик, е што претходната Влада при носење на законското решение не предвидела дека треба да има преодна одредба за да се создадат услови за негова имплементација.

-Не процениле дека треба да има преодна одредба. Да може да ги имплементирате сите работи значи да се формира инспекторат за македонски јазик, таа инстутуција да влезе во рамки на Министерството за култура, да се распише конкурс за директор, дека треба да направите нова систематизација, дека треба да вработите лектори, дека тие треба да полагаат и да станат инспектори. Тоа е еден подолг процес. Ако се грижеле толку за македонскиот јазик ќе ставеле преодна одредба, а не да важи од денот на донесувањето, изјави министерот Љутков, и додаде дека сето тоа го направиле по формирање на Владата.

Според него не треба да се обрнува внимание на критиките на СДСМ во делот на културата.

-Затоа што таква бесперспективна политика што се водеше за тоталана девастација на културното наследство и 70 отсто намалување на буџетите и во делот на културното наследство, мислам дека не треба да се обрнува внимание ниту да се коментира, изјави Љутков.

Критики за Министерството за култура дека не се грижи за македонскиот јазик деновиве имаше и од стручните лица вклучени во заштита на јазикот. Симона Груевска-Маџоска член на Советот за македонски јазик си поднесе оставка и обвини дека не бил одвоен буџет за одбележување на годишнината од кодификација на македонсиот хазик.

-Може да се види грижата на институциите со добележувањето на 80 годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, бидејќи тука беа вклучени Министерството за култура и туризам, МОН, МВР и сите институции кои имаат програми во делот на македонскиот јазик. Имаше огромен буџет за одбележување на тој значаен јубилеј. Кога ќе слушнете од другата страна дека немало доволно средства ќе се запрашате како сите институции кои ги обединивме во еден одличен јубилеј со сите нивни програми и сите нивни буџети може да се каже дека не обрнуваме доволно внимание, изјави Љутков.

Е.Б.