„Со длабоко разочарување го прочитав Вашиот објавен текст. Кога ја примив Вашата оставка, се договоривме да ја избегнеме јавната полемика токму за да го заштитиме угледот на Советот за македонски јазик и да не го вовлекуваме прашањето за македонскиот јазик во непотребни политички препукувања. Јас лично се трудев да ја почитувам таа согласност и да ја заштитам Вашата позиција. За жал, сега сум принуден јавно да реагирам“, вели министерот за култура, Зоран Љутков откако Симона Груевска, довчерашната претседателка на Советот за македонски јазик, упати низа критики за работата на Министерството за култура и Владата и рече дека „никој не се грижи за македонскиот јазик“.

Груевска рече дека за одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик Владата и Министерството за култура и туризам не одвоиле буџет, а притоа „полни им се устите со македонскиот јазик“.

„За одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик Владата и Министерството за култура и туризам се ангажираа сериозно и системски. Согласно заклучоците од четириесет и петтата седница на Владата од 21 јануари 2025 година, Министерството за култура и туризам, во соработка со Министерството за образование и наука и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, формираше Координативно тело во кое учествуваа претставници од Кабинетот на Претседателот, Канцеларијата на Претседателот на Владата, Македонската академија на науките и уметностите, Советот за македонски јазик, државните универзитети, Јавното радиодифузно претпријатие Македонска Радиотелевизија и други релевантни институции. Во рамките на ова тело интензивно се работеше на сеопфатна Програма која опфаќаше свечена академија во МАНУ под покровителство на Претседателката Гордана Силјановска-Давкова, културно-уметничка програма во Македонскиот народен театар под покровителство на Премиерот Христијан Мицкоски, настани во училиштата и универзитетите, како и низа активности за иселениците и странските лекторати преку дипломатско-конзуларните претставништва и културно-информативните центри. Средствата беа обезбедени во рамки на одобрениот буџет за 2025 година, при што секоја институција придонесуваше со своја програма и ресурси. Не станува збор за „немање пари“, туку за координиран, институционален пристап кој ја надминува индивидуалната ангажираност. Непристојно е да ги девалвирате оние кои сериозно се вложија во одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. Тврдењето дека сè било направено „без пари“ и дека Вие сте работеле без надомест не ја отсликува реалноста, Вие за вашата работа бевте соодветно платени на месечно ниво.
Непристојно е да го негирате Советот за македонски јазик, тоа се врвни професионалци со огромно искуство и признание“, порача министерот.

Тој тврди дека не е точно дека немало комуникација. Според него, координативното тело и работните групи биле токму местата каде се воделе, како што вели, сите суштински прашања поврзани со македонскиот јазик.

-Барање за лична средба, не е официјално доставено до мене, иако јас секогаш бев достапен и покрај бројните паралелни обврски. Г-ѓа Груевска, Вашата оставка ја примивме со почит. Меѓутоа, објавувањето на Вашето образложение на ваков сензационален начин, со селективно прикажување на фактите, директно го поткопува угледот на Советот за македонски јазик, неговите членови и сите останати институции кои сериозно и посветено работеа на јубилејот. Македонскиот јазик е далеку поважен од било чија лична промоција и мора да остане над партиски и персонални пресметки.
Останувам отворен за конструктивна соработка со сите кои навистина се грижат за македонскиот јазик и идентитетот, порача министерот преку јавна објава.

Поранешната претседателка на Советот за македонски јазик, Симона Груевска-Маџоска, јавно ги отфрли тврдењата на министерот за култура и туризам дека нејзината оставка била поднесена од лични причини. Груевска посочи дека речиси една година инсистирала да започне изработката на Националната стратегија за македонскиот јазик, предвидена со Законот за употребата на македонскиот јазик, но наишла на административни пречки и доцнења. Според неа, работната група за изработка на стратегијата била формирана дури на крајот на јануари годинава, а нејзините забелешки и барања останале без одговор.

Груевска: Никој не се грижи за македонскиот јазик, Господ нека ни е на помош