Градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани денеска соопшти дека е суспендирана директорката на јавното претпријатие „Комуналец“, Артана Асани. Според него, оваа одлука е донесена за таа и никој друг да не може да влијае на транспарентната истрага на институциите. Покрај неа, суспендирани се уште неколку други лица одговорни за водоснабдувањето на градот.

Лимани на прес-конференција истакна дека не чувствува морална одговорност за последните случувања со водата за пиење во Гостивар, а воедно наведе дека во некои села и населби има граѓани кои користат вода за пиење од други извори и кои не се поврзани со главниот водоводен систем.

Градоначалникот истакнал дека сè уште нема информации од Обвинителството.

-Не чувствувам морална одговорност бидејќи јавното претпријатие е правно лице кое е одговорно за ова. Граѓаните знаат дека доколку ситуацијата беше поинаква, првата оставка ќе дојдеше од мене, изјавил денеска, меѓу другото, Лимани, пренесуваат медиумите на албански јазик во земјава.

Владата донесе одлука да обезбедува по 50 илјади литри бесплатна вода за пиење дневно за жителите на Гостивар. Надлежните апелираат водата од градскиот водовод да не пие, ниту да се употребува за лична хигиена.

Пред три дена, во петокот, директорката на Јавното претпријатие „Комуналец“ од Гостивар одговорно за градската водоводна мрежа, Артана Асани во изјава за „Тв Телма“ рече дека зголемениот број на заболени лица во Гостивар не е поради загадената вода. Таа ги негираше информациите на надлежните институции кои ја забранија водата. Асани тогаш изјави дека „меѓу заболените има и лица кои пиеле само флаширана вода“ и според неа причина за заболувањата на над 1200 граѓани се храната што ја јаделе или високите температури.