
Левица тврди дека Советот на Општина Центар покажа дека кога се во прашање интересите на градежните лобија, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ повторно настапуваат како едно. Велат дека и покрај нивните аргументи и предупредувања, советниците на двете партии заеднички го изгласаа Нацрт-ДУП-от за Водно, отворајќи пат за нова бетонизација на еден од највредните природни простори во Скопје.
-Наместо да ја преземе политичката одговорност за ваквото гласање, премиерот Христијан Мицкоски реши да ја негира очигледната реалност и да ги лаже граѓаните. Тој јавно тврдеше дека советниците на ДПМНЕ не го поддржале Нацрт-ДУП-от, иако од самата седница јасно се гледа што било ставено на гласање и како гласале советниците на неговата партија.
Премиерот или свесно ја манипулира јавноста за да ја намали политичката штета од одлуката на сопствените советници, или навистина не знае што прават кадрите на неговата партија во Општина Центар.
-И двете можности се подеднакво загрижувачки, порачаа од Левица.
Според партијата, фактите не можат да се релативизираат.
-Советниците на ДПМНЕ и СДСМ гласаа „ЗА“ Нацрт-ДУП-от за Водно. Единствено Левица гласаше против и предупреди дека повторно јавниот интерес се жртвува за сметка на интересите на капиталот и градежната мафија, кажаа од опозициската партија.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера за „Локално“ изјави дека ноторна лага е дека советниците од Општина Центар гласале за планот „Барутана“ со кој е предвидено на јужната страна на Водно да се градат хациенди. На прашањето дали по вчерашното невреме и штетите предивикани во Скопје ќе побара од советниците на Општина Центар од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ да не гласаат за планот, кој веќе во нацрт-фаза беше усвоен од Советот на Центар и за кој во тек е јавна расправа по што треба пак да се најде пред советниците, тој прво рече дека не знае за каков план прашуваме, ниту кои стручњаци предупредиле дека Водно може да се сруши врз Скопје ако се реализира планот.