
Од политичката партија Левица упатуваат критики за начинот на кој се подготвува проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“, предупредувајќи на можни недостатоци во транспарентноста, финансирањето и управувањето со проектот. Од партијата посочуваат дека и Европската комисија во извештајот за 2026 година укажала на потребата од подобра организација, навремена реализација и поголема соработка со културните чинители. Според Левица, постои ризик проектот да биде искористен за партиски интереси наместо за суштински развој на културниот живот во главниот град.
„Додека ДПМНЕ се подготвува да го претставува Скопје како европска престолнина на културата, Европската комисија веќе предупредува на сериозни недостатоци во транспарентноста на управувањето, стабилноста на финансирањето, навремената реализација и соработката со културните чинители. Наместо оваа историска можност да биде искористена за суштинска преобразба на културниот живот, постои опасност проектот да се претвори во уште една партиски режирана претстава, во која европски ќе биде само насловот, а домашните практики на политичко влијание и затворено одлучување ќе останат недопрени“, се наведува во соопштението на Левица.
Особена загриженост партијата изразува за предложената законска рамка, според која Фондацијата би ги спроведувала јавните набавки за проектот, вреден околу 21 милион евра, надвор од општиот режим на Законот за јавни набавки. Од Левица сметаат дека со ваквото решение се отвора простор за намалување на јавната контрола и конкурентноста при трошењето на средствата. Потсетуваат дека по нивните реакции и јавното отворање на прашањето, предлог-законското решение засега било повлечено.
„Уште позагрижувачка е тенденцијата проект од ваков обем да се концентрира околу тесен управувачки круг, додека независната културна сцена, авторите, уметниците и организациите што со децении го одржуваат културниот пулс на Скопје остануваат без доволно гаранции за суштинско учество. Кој ќе одлучува кои проекти заслужуваат поддршка, според какви критериуми, со какви договори и под чиј надзор?“, прашуваат од партијата.
Левица оценува дека предупредувањата на европските експерти за транспарентноста, финансиските гаранции, програмата и механизмите за следење на проектот се присутни уште од претходните мониторинзи. Од партијата најавуваат дека ќе бараат целосна јавност на одлуките, договорите, критериумите и финансиските текови, како и поголемо и суштинско вклучување на независната културна сцена во реализацијата на проектот. Според нив, европскиот културен проект мора да биде проследен со транспарентно управување и ефикасна контрола врз трошењето на јавните средства.