Собранието денеска ја избра Катерина Зајковска за нов член на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Од политичката партија Левица реагираа на изборот, оценувајќи дека станува збор за продолжување на, како што велат, спорните кадровски решенија во оваа институција.

Од партијата посочуваат дека Зајковска, како вработена во одделот за контрола на финансирањето на политичките партии, била вклучена во постапки поврзани со случајот со компанијата „Буст ДООЕЛ“, која, според нив, се поврзува со синовите на поранешната членка на ДКСК, Цвета Ристовска. Наместо одговорност, велат од Левица, Зајковска добила унапредување со изборот во Антикорупциската комисија.

„Сѐ уште нема разрешница за двете постапки кои Антикорупциска комисија ги отвори против Цвета Ристовска – за непријавување имот во анкетниот лист и за добивање средства за изборна кампања од ВМРО-ДПМНЕ. Дополнителен сомнеж за начинот на кој функционираше раководството на ДКСК предизвикува и случајот со дипломата на директорот на АНБ. Токму Цвета Ристовска го затвори предметот поврзан со сомнежите за спорната диплома на директорот Бојан Христовски. Особено проблематично е што во јавноста постојат фотографии од заеднички настани и контакти меѓу Цвета Ристовска и ректорот Ацо Миленковски, односно лицето чија образовна институција ја издала спорната диплома.“, се вели во соопштението на Левица.

Партијата исто така забележува дека Основното јавно обвинителство сѐ уште не се произнело по кривичната пријава што ја поднела против Ристовска за непријавување имот, оценувајќи дека ваквиот однос на институциите ги продлабочува сомнежите за селективна правда.

Според Левица, ДКСК не утврдила одговорност кај актуелни високи функционери, што, според нив, укажува на политичка зависност на институцијата. Оттаму сметаат дека изборот на Зајковска претставува продолжување на постојните практики наместо реформирање на Комисијата.

„Левица смета дека институција која селективно постапува, ги штити политички моќните и не испорачува резултати во борбата против корупцијата, ја изгубила својата смисла на постоење. Антикорупциската комисија одамна престана да биде коректив на власта и се претвори во заробена институција без кредибилитет и доверба кај граѓаните и заради тоа треба да биде укината.“, заклучуваат од опозициската партија.