Политичката партија Левица реагираше на судската пресуда со која член на обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски, обвинет за семејно насилство врз својата сопруга, добил условна казна по признание на вината.

„Мицкоски неодамна тврдеше дека овој случај бил „доказ дека системот функционира“. Ако ова е функционирање на системот, тогаш не е чудо што Македонија е меѓу европските држави со највисоки стапки на фемицид и што секоја нова трагедија доаѓа по истата шема: пријави, игнорирање, благи казни и на крај – изгубен човечки живот. Дополнително, Мицкоски во повеќе наврати јавно тврдеше дека „секој што се огрешил пред законот ќе одговара, па макар бил и роден брат или сестра“. Дали ова важи за сите или постојат ПРИВИЛЕГИРАНИ категории блиски до власта?

Македонија веќе со години се соочува со епидемија на семејно насилство и фемицид. Речиси секој нов случај открива иста шема: претходни пријави, институционална неажурност, благи санкции и на крај трагични последици. Наместо државата да испрати јасна порака дека насилството врз жените нема да се толерира, судовите продолжуваат да делат условни казни и да ја поткопуваат довербата во правниот систем.“, се вели во соопштението на Левица.

Од партијата бараат целосно расчистување на случајот, утврдување на сите околности поврзани со донесената пресуда и одговор на прашањето дали евентуалната блискост до власта имала влијание врз исходот на судската постапка