Политичката партија Левица оцени дека најновиот Извештај на Европската комисија за владеењето на правото претставува потврда на нејзините долгогодишни предупредувања за состојбите во здравството, јавните набавки и борбата против корупцијата.

Според партијата, извештајот покажува дека „граѓаните сѐ уште се заложници на коруптивен здравствен систем“, а како особено проблематични се посочуваат здравството, јавните набавки и распределбата на јавните средства.

„Извештајот на Европската комисија за владеењето на правото претставува директна пресуда за моделот на владеење што го практикува ДПМНЕ. Наместо институции што го штитат јавниот интерес, Комисијата опишува држава во која корупцијата продолжува да навлегува и во секторите од кои зависат животот и здравјето на граѓаните“, наведуваат од Левица.

Во соопштението се истакнува дека оценката на Европската комисија за високите корупциски ризици во здравствениот сектор е особено загрижувачка.

„Особено загрижува оценката дека корупциските ризици во здравството и натаму остануваат високи. Тоа е реалност што секојдневно ја плаќаат пациентите. Недостиг на терапија, сомнителни набавки, хаотично управување со јавните здравствени установи и хронично отсуство на одговорност, создаваат систем во кој граѓаните стануваат заложници на партиско-коалициските лукративни интереси“, се наведува во партиското соопштение.

Левица посочува дека извештајот предупредува и на слабости во системот на јавни набавки, оценувајќи дека тие и натаму се меѓу најранливите области за корупција и злоупотреба на јавните средства. Дополнително, партијата укажува дека Европската комисија констатира недоволна заштита на лицата кои пријавуваат корупција.

Воедно, од Левица упатуваат критики кон Владата и премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека нивните јавни оценки за реформите не кореспондираат со забелешките содржани во извештајот на Европската комисија.

„Додека Европската комисија предупредува дека корупцијата и натаму е вкоренета во најчувствителните делови на државата, Мицкоски се прогласува за регионален првак во реформите и ја претставува Македонија како лидер во регионот“, се наведува во реакцијата.

Од партијата додаваат дека остануваат на ставот дека преку кривични пријави, законски иницијативи и барања за разрешување функционери континуирано укажувале на слабостите во антикорупцискиот систем, оценувајќи дека најновиот извештај на Европската комисија ги потврдува нивните предупредувања.