Изјавата на гувернерот Трајко Славески дека е загрижен поради најавеното зголемување на надоместоците во платниот промет според политичката партија Левица претставува признавање на проблем кој долго време е присутен во македонскиот банкарски сектор. Во партиско соопштение наведуваат дека станува збор за системски недостаток што со години не добива соодветен институционален одговор, додека банките остваруваат значителни профити на товар на граѓаните и стопанството.

„Кога банките бележат историски високи добивки, кога каматните маржи се меѓу највисоките во регионот, а истовремено се зголемуваат и провизиите за основни платежни услуги тогаш не станува збор за пазарна логика туку за злоупотреба на доминантната позиција на финансискиот сектор.

Фактот што повеќе банки речиси истовремено ги зголемуваат надоместоците отвора сериозни сомнежи за координирано однесување. Доколку Комисијата за заштита на конкуренцијата не реагира навремено се испраќа порака дека профитот на неколку финансиски институции е поважен од интересот на граѓаните.

Банкарскиот сектор постои за да ја сервисира економијата, а не економијата да биде заложник на профитните апетити на банките. Во услови кога животниот стандард е под постојан притисок, секое дополнително зголемување на банкарските трошоци претставува уште еден удар врз семејните буџети и врз трошоците на домашните компании.

Особено е симптоматично што гувернерот дури сега ја отвора дебатата за регулирање на надоместоците. Левица со години предупредува дека платежниот промет не е прашање на избор туку основна услуга неопходна за секој граѓанин, работник, пензионер и компанија.“, се вели во соопштението на Левица.

Според партијата, неопходно е воспоставување појасна и поефикасна регулатива за работењето на банките, со цел да се обезбеди подобра заштита на граѓаните и да се спречи прекумерната концентрација на економска моќ во рацете на мал број финансиски институции.