Политичката партија Левица во партиско соопштение го повика министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да одговори за ефикасноста на полицискиот систем во заштитата на жените од насилство, посочувајќи дека Македонија има околу 560 полицајци на 100.000 жители, значително над европскиот просек од околу 340, но и натаму се соочува со висока стапка на убиства на жени од интимни партнери. Од партијата сметаат дека бројноста на полицискиот кадар не се претвора во соодветна институционална заштита за жените кои пријавуваат насилство.

„И Европската комисија во Извештајот за 2026 година констатира сериозни недостатоци во пријавувањето, истрагите и кривичното гонење на родово базираното насилство, недоволни специјализирани услуги, нефункционални сервиси и недостиг од финансиски и човечки капацитети. Панче Тошковски мора да одговори каде е полицијата кога жените алармираат за заштита и помош од државата“, наведуваат од Левица, барајќи информации за обученоста на полициските службеници за проценка на ризик од фемицид и постапувањето по пријави за повторено насилство.

Како примери за институционални пропусти, од партијата ги посочуваат случаите со Росица од Велес и Ивана и нејзината шестгодишна ќерка Катја. Во случајот со Росица, според Левица, кај 11 полициски службеници биле утврдени неправилности во постапувањето, но сè уште нема соодветна судска разрешница за нивната одговорност. Партијата оценува дека дисциплинските постапки и санкции не се доволни кога институционалните пропусти имаат трагични последици.

„По трагедијата со Ивана и нејзината шестгодишна ќерка Катја, Владата најавуваше итни промени, законски интервенции и засилена координација. Работната група подготви измени на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, со решенија за побрзо постапување на институциите и поефикасна заштита на жртвите. Предлог-измените се доставени до Собранието во август 2026 година, но сè уште не се ставени на дневен ред“, се наведува во партиското соопштение.

Левица бара предложените законски измени веднаш да бидат ставени на дневен ред на Собранието, како и министерот Тошковски да даде конкретни одговори за полициското постапување и одговорноста за пропустите во случаите на фемицид. Од партијата сметаат дека без спроведување на најавените законски промени и поголема институционална одговорност, жените и понатаму ќе бидат изложени на ризик, и покрај постојните механизми за нивна заштита