Политичката партија Левица во партиско соопштение побара итна независна техничка и финансиска ревизија на проектот за модернизација на водоснабдителниот систем во Гостивар, оценувајќи дека Владата не дала одговори за состојбата со системот по информациите за фекално загадување на водата во градот.

Од партијата посочуваат дека само неколку дена по случајот со загадената вода, ВМРО-ДПМНЕ објавило соопштение во кое се пофалило со, како што наведуваат, „историски“ капитални инвестиции во водоснабдувањето, канализацијата и пречистителните станици.

„Во нивното соопштение нема ниту збор за тоа како држава што тврди дека инвестира стотици милиони евра во водната инфраструктура дозволи илјадници граѓани со недели да користат вода загадена со фекални бактерии“, наведуваат од опозициската партија.

Партијата се повикува на проектот за модернизација на водоснабдителниот систем во Гостивар, вреден седум милиони евра, финансиран со швајцарски и германски средства. Според Левица, иако донаторите соопштиле дека проектот е успешно завршен и предаден на ЈП „Комуналец“, во јавноста се појавиле тврдења дека дел од системот не бил ставен во целосна функција, додека јавното претпријатие информирало дека проектот е реализиран 98 проценти.

„Наместо Владата веднаш да отвори независна техничка и финансиска ревизија, таа повторно избра да брои милиони евра. Тоа е суштината на политиката на ДПМНЕ“, се вели во соопштението.

Левица оценува дека во земјата недостига анализа за ефектите од капиталните инвестиции и механизми за политичка одговорност кога проектите не ги даваат очекуваните резултати.

„Левица бара итна независна техничка и финансиска ревизија на проектот за водоснабдување во Гостивар, целосно објавување на проектната документација и утврдување одговорност доколку се покаже дека јавните средства не го дале резултатот за кој биле наменети“, се наведува во партиското соопштение.