Интересот на младите да студираат медицина во Македонија е се уште висок, за ралика од младите во многу европски земји, изјави за Локално проф. д-р Калина Гривчева Старделова, претседател на Лекарската комора на Македонија.

Комората денес одблежѕва 34 години од своето основање, а според професорката кај нас повеќе е предизвик да се мотивираат младите лекари да останат и да работат во државата.

-Статистиката покажува дека секоја година во Лекарската комора околу 400 млади лекари успешно го положуваат стручниот испит и се стекнуваат со лиценца за работа, што претставува квантитативен пораст во споредба со минатите децении. Исто така, евидентен е високиот интерес за запишување на трите медицински факултети во земјава. За споредба, во развиените европски земји се забележува тренд на опаѓање на интересот кај младите за студирање медицина, поради свесноста дека во другите сектори, со помалку инвестиран труд, време и одговорност, може да се оствари побрза и повисока заработувачка, изјави проф.д-р Гривчева Старделова.

Таа додава дека .кај нас реалниот предизвик не е привлечноста на професијата, туку мотивираноста на младите лекари да ја градат својата кариера во сопствената држава.

-Праксата упатува на тоа дека поради нерешениот статус на приватните специјализанти, сложените лавиринти до сигурно вработување и ниските почетни примања, сè поголем број млади доктори уште во текот на студиите се подготвуваат за заминување во странство. За да ја зачуваме оваа интелектуална сила, државата мора да им понуди достоинствен професионален почеток гарантирано вработување по дипломирањето и сигурен систем за професионален развој и усовршување., изјави проф. д-р Гривчева Старделова.

Според неа лекарската професија е специфична по својата природа и во различни фази се соочува со различни предизвици.

-Сакам да истакнам дека најголем број од нашите лекари се исклучително квалитетни, професионални и стручни и тие секојдневно прават напори, некогаш и надчовечки, за да одговори на потребите на пациентите, истакна професорката.

Таа додава дека и покрај посветеноста на лекарите на својата профеија, здравствениот систем се соочува со сериозни структурни аномалии. Гривчева Страделова објаснува дека евидентен е хроничен дефицит на доктори во одредени градови и специјалности, што доведува до нерамномерна регионална застапеност и преоптовареност на терцијарното здравство и болниците во Скопје.

-Најголем дел од капацитети на секундарното здравство остануваат недоволно искористени. Дополнително, докторите се изложени на сериозен притисок поради обемните административни обврски кои го одземаат драгоценото време наменето за директна посветеност на пациентите. Со реорганизација на системот, добра регионализација и рамномерна распределба на кадровските потенцијали ќе создадат поквалитетни услови за работа на лекарите и повисоко ниво на здравствена заштита за граѓаните, изјави проф.д-р Гривчева Старделова.

На прашањето колку лекарите при својата работа ги запазуваат стандардите на професијата, професорката вели дека докторите во нашата земја работат во согласност со современите професионални стандарди и медицински протоколи. Таа додава дека стандардите се запазуваат во рамките на материјално-техничките можности, односно достапноста на опрема, терапија и инфраструктура во јавните установи.

-Ние сме во постојан професионален дијалог со нашите колеги од меѓународната заедница, будно ги следиме глобалните медицински трендови и ги имплементираме во рамките на можностите што ги нуди нашиот здравствен систем. Како Лекарска комора, преку нашето активно дејствување и полноправно членство во реномирани европски организации, како што е Европскиот совет на лекарски комори (CEOM), воспоставивме директни канали за усогласување на домашните со европските професионални и етички стандарди, изјави проф.др-р Гривчева Старделова.

Е.Б.