
За Бети Котовчевска од Ресен, позната како Бетика или „ледената кралица“, календарот не е пречка за капење. Таа ја отвори сезоната на капење во студени води во реката Црн Дрим во Струга, а фотографијата од ноемвриското капење ја објави на својот инстаграм-профил со кратка порака:
– Сезоната официјално отворена.
View this post on Instagram
За неа, ова не е само необично хоби, туку начин на живот што го открила по еден од најтешките периоди во животот.
Кога имала само 18 години, Бетика била прегазена од автомобил. Последиците биле тешки – период на неподвижност, прекин на активниот живот и ракометната кариера, со која професионално се занимавала десет години. Во интервју за македонски портали раскажала дека по несреќата паднала во депресија, се здебелила 20 килограми и во еден момент ја изгубила желбата за живот.
Во потрагата по начин да се справи со тешкиот период, почнала да истражува за влијанието на студената вода и постепено да го надминува сопствениот страв. На 20 години започнала со ладни тушеви, а потоа преминала на капење во студени реки, езера и водопади. Нејзина најголема инспирација станал холандскиот атлетичар Вим Хоф, познат како „Ледениот човек“, чии методи се засноваат на изложување на студ, техники на дишење и ментална посветеност. Бетика го нарекува свој втор татко и вели дека неговата филозофија ѝ помогнала да си го смени животот.
Нејзиниот најголем подвиг досега е капењето во Лапонија, Финска, во услови кога надворешната температура била минус 33, односно минус 34 степени Целзиусови. Таму живеела две години, а своите авантури ги претворила во можност да ја промовира Македонија и да ги охрабрува луѓето да ги поместуваат сопствените граници.
Во февруари 2024 година учествувала и во експедиција на француските Алпи, организирана од тимот на Вим Хоф. За време на предизвикот, во шорц и маица, се искачила на планината и го развеала македонското знаме. Пред тоа, учесниците поминале подготовки со техники на дишење, вежби и изложување на студ.
Бетика не ги задржува своите искуства само за себе. Во април годинава организираше и групно велигденско капење во студените води на Охридското Езеро, каде што ѝ се придружија луѓе од различни делови на Македонија. Според нејзините изјави, досега се капела во студени води во 35 земји.
The post 📽️ ЛЕДЕНАТА КРАЛИЦА ВЛЕЗЕ ВО СТУДЕНИОТ ДРИМ Бетика ја почна сезоната на капење во вода со „пријатна“ температура од околу 10 степени appeared first on plusinfo.mk.
(@_betika_)