„Ние две години дискутираме во Собранието за одредени алтернативни решенија по пат на широко толкување на заклучоците на Советот на Европа, каде што никаде не се налага дека уставните измени треба да стапат во сила веднаш. Говориме нели за да се бара одложено дејствие, ајде сите да лобираме за тоа одложено дејство” вели во изјава за Тема на денот претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова.

Лидерката на ЛДП смета дека имаме можност да побараме вметнување на заштитни клаузули во договорите со Европа, како што таа додава заштитни клаузули во договорите со САД.

„Ајде ние да побараме самозаштитни клаузули, каде што ние внатре во домашните закони ќе ја регулираме нашата национална заштита, но и доколку нели, во текот на преговорите некој нѐ блокира заради прашања кои што не се врзани со критериумите од Копенхаген, државата ќе има право веднаш да ги прекине разговорите со, односно да ја прекине важноста на договорите со тие земји. И тука вклучително би влегол договорот за за добрососедство. Ги повикувавме меѓународните секретари на партиите кои што членуваат во европски семејства да се координираат во меѓународните позиции“, додава Зајкова.

Таа посочува дека во неколку наврати ја повикала и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да ги повика сите политички чинители, нешто што Зајкова очекувала да го направи сега по средбите во Софија, наместо да „глумат“ дека се шокирани и дека не знаеле какви се позициите на Бугарија. позициите на Бугарија не се сменети со децении.

„Ако ЛДП потрошила години и години да разговара со тогашната ДПС партија во Бугарија, бидејќи сега не е истата партија, за тоа како да најдеме напредок во работите што може да напредуваме во економија, образование и слично, да оставиме настрана прашања кои што се ирационални барања. Зошто не потроши и владејачката партија преку својот меѓународен секретар на средбите на ЕПП да поразговараат со ГЕРБ, да не носат Декларација во Народното Собрание на Бугарија. Значи не е одговор за единствен услов, туку е одговор на тоа дека позициите на Бугарија се тие и дека се дошло до одреден начин како тие позиции да се сведат на нешто што е побезболно за државите“, вели Зајкова и додава дека е крајно време сите политички чинители да седнат на иста маса и да го изградат тој национален консензус кој сите го говорат.

„Јас не велам утре да им обезбедиме место на Бугарите во Устав, но велам дека не можеме да седиме во статус кво, а доколку сакаме да изградиме национален консензус, мора да седнеме и ако е тешко во јавноста да се презентира било каков став за да не се намали партискиот рејтинг, дајте ќе седнеме зад затворени врати и ќе излеземе со една заедничка изјава и сите таа изјава ќе ја браниме во Брисел. ЛДП носи тука меѓународни претставници. Тука беше во декември и претседателката на АЛДЕ групата од Европскиот Парламент, имаше средби и кај премиерот и кај претседателката на државата, кажа дека АЛДЕ е расположена да лобира и за одложено дејство и за самозаштитните клаузули. Ајде да ги искористиме тие пријателства и секој нека во своите сестрински партии, но со една единствена позиција, а не да бидеме како раштиман оркестар“, заклучува Зајкова.