
Трет ден откако Народна банка воведе администрација и го презема управувањето со Алта банка АД Битола, а со тоа експозитурите престанаа да работат со клиенти. Во изминатите два дена имаше редици, граѓани чекаа пред банкоматите и експозитурите, дел за подигнување готовина, дел со надеж дека ќе влезат внатре.
Покрај ограничувањето од 10 илјади денари, најголем проблем имаат корисниците кои немаат картички или им се со истечена важност, а има и такви на кои заради невнимателност картичките им се заробени во банкоматите, па нема како да си ги вратат.
Се работи и на надминување на проблемот за граѓаните кои немаат картички. Од Народна банка информираат, во текот на оваа недела ќе бидат отворени и посебни пунктови во експозитурите каде оваа категорија ќе можат да ги подигнат своите средства.
Плаќањето во рамките на Алта банка се неограничени. Правните лица корисници на банката, имаат проблем со исплата на плата за вработените кои имаат сметки во други банки, но и со подмирување на придонеси и даноци – предизвик за кој бара решение.
Колку е реално македонската Алта банка да биде погодена од стечајот на нејзината матична банка?
Дел од експертите во Македонија истакнуваат дека ова е најважното прашање, односно какви економски, правни, административни, човечки, здравствени, психички и други последици ќе предизвика стечајот во Србија. Економскиот аналитичар Славко Лазовски прашува зошто никој не ги анализира можните последици туку се замајува јавноста со тоа дека „надлежните навремено реагирале“, дека „брзата промена на сопстевеноста“ е „најдоброто решение“ и слични кажувања, кои, како што вели, немаат никаква реална основа, ниту економска ниту правна.
Лазовски го наведува Законот за стечај во Србија. Посочува дека истата одредба ја имаме и во нашиот Закон за стечај, член 34, став (1), точка 18) во каде се вели: „Стечајниот управник равник е должен особено: да поднесе предлог до соодветните органи на државната управа или до правосудните органи во странство, како официјално овластен застапник на стечајната маса на стечајниот должник, со кој бара запленување, одземање, заштита или враќање на имотот на стечајниот должник кој се наоѓа во странство“. Според член 320, став (1) „Судот на Република Македонија исклучиво е надлежен за спроведување на стечајна постапка против стечаен должник чие седиште е во Република Македонија.
Вели дека ставот (4) од истиот член докусурува: „Постапката од ставот (1) на овој член го опфаќа целиот имот на должникот, без оглед на тоа дали имотот се наоѓа во Република Македонија или во странство (главна стечајна постапка)“. Истата одредба ја има и српскиот Закон за стечај.

Славко Лазовски-Фото: Принтскрин/Јутјуб/Телма Тв
Аналитичарот во разговор за „Локално“ вели дека овие одредби внесуваат немири кај нашите власти.
„Џабе кажувањата дека банката е високо капитализирана. Џабе административните ограничувања. Ова се само кажувања за „распрскување“ на штетата на што поголем број субјекти, кои се најмалку виновни и кои ќе ги понесат најтешките последици и ќе страдат, поради довербата во власта, банкарска и политичка.
Дури и правните лица кои ги повлекле своите депозити нема да бидат оставени „нечепнати“, ако повлекувањето го направиле после моментот на отворањето на стечајот во Република Србија. Се применува правилото: знаеле или морале да знаат дека е отворен стечајот во Република Србија“, оценува Лазовски.
Соговорникот потенцира дека единствено што може гувернерот Трајко Славески да го спаси од оставка и целосна кривична, материјална и морална одговорност е тоа да има изјава заверена кај нотар или службена белешка, потпишана од повеќе лица присутно, со точно наведување на час и место, кога некој над него му наредил, советувал или кажал како да постапи при издавањето на лиценцата за работа на Алта Банка.
„Што треба да сторат граѓаните-депоненти? Да покренат Иницијатива за стечај и банката да помине од рацете на Народната банка во рацете на Судот. Стечајниот судија да одлучува како ќе се одвивават работите понатаму, а не гувернерот, кој е најодговорен во случајот. И тој, секако сѐ ќе стори да ја намали својата одговорност. Ако гувернерот постапувал по закон до ова немаше да дојде.
Се поставува и прашањето – што ако дојде до национализација на Банката во Србија? Какви последици ќе има во Македонија. Анализира ли некој како оваа опција ќе се одрази врз нас во Македонија, прашува Лазовски.

Фото: Народна банка
Власта и опозицијата со спротивставени ставови за состојбата со Алта банка. „Преку притисок кон НБРМ и Алта банка, СДСМ создава терен бизнисмен близок до партијата и Филипче да ја купи банката за ниска цена. Тоа што со месеци го правеа не беше поради некаков српски свет, туку поради бизнис интереси на Филипче и неговиот ментор Заев“, велат во владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Потенцираат дека СДСМ намерно создаваат хаос.
Контра на ова, социјалдемократите велат-експозитурите не работат, на банкомати се чека со часови, додека пак компаниите слободно префрлаат пари, а граѓаните не можат да дојдат до своите пари. Инсистираат Обвинителството да отвори истрага.
Препукувања и во албанскиот политички фактор. Во ДУИ бараат итно и темелно испитување на случајот поради ограничувањата кои ги наметна Народната банка бидејќи јавни институции и претпријатија се соочуваат со неизвесност околу своето финансиско работење.
Во ВРЕДИ, пак, со директно обвинување кон ДУИ и Али Ахмети. ДУИ ја отворил вратата за проектите на Вучиќ, а фирма на сват на Ахмети купила акции во Стопанска банка АД Битола, за подоцна преку друга фирма од Алта банка да подигне 5 милиони евра.
И додека партиите се препукуваат, во Собранието се очекува одржување на јавна расправа за проблемот со Алта банка.
Н.П.