Амбасадорите на Франција, Обединетото Кралство и Германија, Никола де Ривиер, Најџел Кејси и Александер Граф Ламбсдорф, пристигнаа во средата во руското Министерство за надворешни работи на состанок со заменик-министерот Михаил Галузин. Тројцата дипломати влегоа во зградата на министерството без да дадат изјави за новинарите, пишува Украинска Правда, повикувајќи се на руската новинска агенција ТАСС.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во средата изјави дека амбасадорите на Обединетото Кралство, Франција и Германија „побарале состанок“ со неговиот заменик за да разговараат за војната во Украина.

„Ќе се состанеме со нив и ќе ги сослушаме. Ќе биде интересно да слушнеме како ги изложуваат своите ставови и дали нудат нешто што би можело да поттикне конструктивно размислување“, ја пренесе весникот Коммерсант изјавата на Лавров.

Тој додаде дека Русија нема „да им придава значење“ на европските изјави за желбата за почеток на преговори сè додека не се увери во нивната сериозност. Лавров исто така рече дека смета оти е малку веројатно Европската Унија да доживее „некакво чудо“ во врска со својата желба да учествува во решавањето на ситуацијата во Украина.

Руското Министерство за надворешни работи подоцна соопшти дека Галузин на амбасадорите на Обединетото Кралство, Франција и Германија „им ги објаснил руските пристапи во барањето дипломатско решение за конфликтот во Украина“.

Според медиумските написи, Германија, Франција и Обединетото Кралство развиваат план чија цел е вклучување на рускиот претседател Владимир Путин во преговорите. Европските лидери исто така имаат намера да ги искористат состаноците со американскиот претседател Доналд Трамп на самитот на групата Г7 за да го поттикнат да ги поддржи плановите за обнова на мировните преговори меѓу Русија и Украина.