
Младиот лав Уганда ја нападна и ја уби лавицата Тајри во зоолошката градина во Загреб, соопшти ЗОО Загреб.
Од Зоолошката градина наведуваат дека на 10 јули Уганда и Тајри биле успешно споени во помошниот простор, а од 21 јули тие престојувале заедно во надворешно живеалиште.
„Двојката добро се сложуваше и немаше индикации дека може да се случи таков настан“, соопштија од Зоолошката градина.
Откако дознале за нападот, вработените во загребската градина ги презеле сите мерки за безбедност на луѓето и на животните. Во соработка со експерти од други институции ќе се обидат да утврдат што го предизвикало нападот.
Од Зоолошката градина нагласуваат дека конфликтите меѓу дивите животни се дел од нивното природно однесување и дека младите лавови се животни со исклучителна големина и сила. Поради ова нивното воведување во заеднички живот било спроведено под засилен надзор и со низа безбедносни мерки.
Уганда и Тајри неодамна пристигнаа во Загреб со цел да се размножат, како дел од европската програма за размножување. Тие припаѓаат на северната популација на африканскиот лав, кој има статус на загрозен вид на Црвената листа на Меѓународната унија за зачувување на природата.
The post ЛАВ УБИ ЛАВИЦА ВО ЗООЛОШКАТА ГРАДИНА ВО ЗАГРЕБ Неодамна биле донесени од Франција за да се размножат appeared first on plusinfo.mk.