Од СДСМ обвинуваат дека премиерот Христијан Мицкоски лично ја донел одлуката за влез на Алта банка на македонскиот пазар, повикувајќи се на изјава на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески. Портпаролката на партијата, Богданка Кузеска, на прес-конференција оцени дека ова претставува потврда на нивните досегашни тврдења за политичко влијание при одобрувањето на работењето на банката, за која тврдат дека е поврзана со капитал од Србија.

„Прво, има признание од Трајко Славески дека одлуката за влез на Алта банка во Македонија ја донел Христијан Мицкоски. Како стратешка гранка вели Славески требало да бидат задоволени условите на „политичка сензитивност“. Ова е директна потврда на она што СДСМ го говори веќе 11 месеци, Мицкоски и Славески ја донесоа пералната на пари на Вучиќ со сомнителен капитал во Македонија“, изјави Кузеска.

Од опозициската партија тврдат дека зад формалниот сопственик на Алта банка, Давор Мацура, постои мрежа на сомнителни финансиски активности, посочувајќи на наводни проблеми и постапки поврзани со банката во Србија, како и на одбивања и санкции во други европски земји. Кузеска се повика и на документи, за кои рече дека покажуваат оти Владата донела заклучоци со кои акции од државни претпријатија биле понудени во интерес на Мацура и Алта банка. Таа отвори и прашања за најавените разговори на Мицкоски со потенцијални купувачи на банката, како и за независноста на Народната банка.

„Мицкоски треба да одговори на прашањето колку пати разговарал со Вучиќ за Алта банка? Колку пати се има сретнато со Мацура? За кои провизии се зборувало? Дали во трезорот и документите на Алта Битола постојат 80 милиони евра кеш или соодветни кеш еквиваленти? Толку стои во билансот на банката. Имаше доволно време тоа да го провери и бараме веднаш да се огласи“, рече Кузеска.

На прес-конференцијата, СДСМ побара надлежниот јавен обвинител Савески да отвори истрага за случајот, вклучително и за улогата на Мицкоски, Славески и министерката Кочоска. Од партијата побараа во проверката да се вклучи и Европското јавно обвинителство, со цел да се испита финансискиот тек поврзан со Алта банка и да се утврди дали имало незаконитости. Кузеска ги повика и професионалците од Народната банка да постапуваат независно, нагласувајќи дека сите евентуално вмешани во случајот треба да понесат одговорност доколку се утврди повреда на законот.