Косовскиот премиер Албин Курти ги повика сите партии да соработуваат за да се стави крај на 18-месечниот политички ќорсокак откако неговата партија Самоопределување победи на парламентарните избори во недела, но не успеа да освои доволно места за сам да формира нова Влада. Нашата соседна држава сака да се приклучи на Европската Унија, а Брисел тврди дека прво мора да создаде силни институции кои ќе можат да ги спроведат реформите потребни за членство. Сепак, поради политичката нестабилност, Косово остана без функционални институции, што ги одложи реформите и протокот на европски средства, а политичките аналитичари велат дека блокадата веројатно ќе продолжи.

Според официјалните резултати, Самоопределување освои 43 проценти од гласовите откако беа преброени 99,4 проценти од гласовите на изборите во недела, трети за помалку од 18 месеци. Демократската партија на Косово (ДПК) освои 21 процент, а Демократската лига на Косово (ЛДК) 18 проценти од гласовите на изборите распишани откако фрагментираниот косовски парламент не успеа да го избере својот претседател, а потоа ниту нов шеф на државата.

Иако сè уште е потребно да се пребројат 100.000 гласови од косовската дијаспора, Самоопределување нема да може да го обезбеди апсолутното мнозинство потребно за независна влада. Многу е веројатно дека партијата ќе добие повеќе од 51 процент од гласовите што ги освои на декемвриските избори откако не успеа да постигне договор со опозицијата за нов претседател.

„Во наредните недели ќе комуницираме, ќе се среќаваме (со опозицијата) и ќе соработуваме со сите политички субјекти“, им рече Курти на своите поддржувачи доцна во неделата. Симпатизерите на Курти ја славеа неговата победа до раните утрински часови во понеделник во главниот град Приштина, иако веројатно ќе добие помал дел од гласовите отколку во декември.

Тамошната Изборна комисија објави дека излезноста била под 37 проценти, што е помалку од 45 проценти во декември. Партијата на Курти за прв пат дојде на власт во 2021 година. Како и сите главни партии во Косово, таа има прозападна ориентација. Тој е против понатамошни отстапки кон Србија, со која односите остануваат затегнати речиси две децении откако Косово прогласи независност од неа.

Што понатаму за најмладата држава во Европа? 

За дел од тамошните познавачи на состојбите, изборниот резултат покажува дека Движењето Самоопределување останува доминантна политичка сила во Косово, но не на ниво што би му овозможило самостојно да владее. Ова го прави процесот на формирање институции покомплексен и бара политички компромис меѓу парламентарните партии.

-Од политичка перспектива, Курти го има легитимитетот на првопласирана партија и затоа ќе го добие првиот мандат да се обиде да формира влада. Сепак, способноста да обезбеди парламентарно мнозинство ќе зависи од подготвеноста на другите партии за соработка или од постигнување договори со помалите политички субјекти и независните пратеници, вели експертот за безбедност, Дризан Шала за „Локално“.

Според него, актуелната криза не е само резултат на парламентарната математика, туку и на високата политичка поларизација што ја карактеризира косовската политичка сцена во последните години.

-Поради тоа, долгорочното решение не лежи само во формирање нова влада, туку и во создавање минимален институционален консензус за функционирање на Собранието, спроведување на реформите и справување со предизвиците поврзани со безбедноста и европската интеграција, истакнува Шала.

Дризан Шала/Фото: Фејсбук

Додава дека доколку политичките партии го стават државниот интерес пред партиските калкулации, постои можност за формирање стабилни институции. Во спротивно, според Шала, Косово може да се соочи со продолжен период на политичка блокада, што негативно би влијаело врз економскиот развој, интегративните процеси и довербата на граѓаните во демократските институции.

Еврокомесарката за проширување, Марта Кос ги повика политичките партии во Косово да најдат компромис и да соработуваат „за да обезбедат институционална стабилност по вчерашните вонредни парламентарни избори“. Во објава на социјалната мрежа X, таа му честиташе на Курти за неговата изборна победа, истовремено оценувајќи го изборниот процес како позитивен.

„Му честитам на Аљбин Курти за неговата победа на изборите во Косово, а особено за мирниот, инклузивен и уреден процес на гласање“, напиша Кос.

„За да напредува Косово на патот кон Европската Унија, политичките сили сега мора да се обединат и да најдат компромиси за да изградат институционална стабилност“, додаде Кос.

Еврокомесарката исто така, објави дека очекува да го посети Косово во блиска иднина со цел да се подобри работата на процесот на европска интеграција и спроведувањето на Планот за економски раст.

„Се радувам што ќе се вратам на Косово што е можно поскоро со цел да се интензивира работата на европската интеграција на Косово и да се продолжат активностите поврзани со финансирањето во рамките на Планот за економски раст“, ​​објави Кос.

Н.П.