Производителот на автомобили БМВ планира да укине отприлика 8.000 работни места ширум светот, со што им се придружува на другите големи германски производители кои одамна тргнаа во програмата за намалување на бројот на работници.

Според информациите на новинската агенција „dpa“, намалувањето на бројот на работни места ќе се постигне со природен одлив и преку програма за доброволно заминување. Целта е да се намали бројот на работници надвор од директното производство, а сите ќе имаат право на отпремнини.

Со оглед на тоа што повеќе од половината од речиси 154.000 вработени во БМВ работат во Германија и дека програмата за отпремнини се стартува таму, веројатно е дека на крајот повеќе од половината од погодените работни места ќе бидат во Германија.

БМВ сè уште се нема огласено за деталите, но според неофицијални информации, програмата за отпуштања и доделување отпремнини би требало да трае од октомври 2026 до крајот на 2027 година. Не е познато колку 8.000 откази ќе го чинат БМВ, но тоа ќе биде јасно од нивниот извештај за работењето во наредните години.

Компанијата со седиште во Минхен е последниот германски производител на автомобили кој покрена голема програма за намалување на бројот на работни места.