
Основното одделение за внатрешни работи Радовиш при СВР Струмица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Радовиш против 43-годишниот С.К. од селото Дедино, општина Конче, како и против правен субјект од Радовиш, поради сомнение за повеќе кривични дела поврзани со злоупотреба на службената положба и фалсификување документи.
Според МВР, пријавениот, во својство на одговорно лице во компанијата, ја злоупотребил својата службена положба така што изготвувал фиктивни испратници за транспорт на дрвни сортименти. Документите биле адресирани на непостоечки лица, без наведена адреса за испорака, а во дел од нив биле вршени измени на податоците за количината и видот на огревното дрво.
Со ваквите дејствија било овозможено во промет да се пушти незаконски стекната дрвна маса во количина од 173,31 кубни метри, со што била остварена противправна имотна корист од 864.262 денари.
Во текот на истрагата биле утврдени и неправилности кај 27 испратници, каде што евидентираните количини не се совпаѓале со реално испорачаното огревно дрво. Имено, според документацијата биле прикажани 46 кубни метри, додека теренските проверки и разговорите со купувачите покажале дека биле испорачани вкупно 149 кубни метри дрва. Разликата од 103 кубни метри, според полицијата, донела дополнителна противправна корист од 566.500 денари.
МВР соопшти дека С.К. во испратниците го фалсификувал и потписот на лицето овластено за нивно потпишување, по што таквите документи биле користени како валидни исправи во правниот промет.
Вкупната противправна имотна корист што ја оствариле пријавените, според наодите на полицијата, изнесува 1.430.762 денари.