Најголемата опозициска партија со соопштение реагираше по информациите дека надлежните институции предупредуваат на ризик од хепатит А и Е, како и од други заразни заболувања по случајот со загадената вода во Гостивар, оценувајќи дека институциите не реагирале навреме и не ја информирале јавноста.

Од партијата посочуваат дека за ваквиот ризик предупредил и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, уште минатата недела, додавајќи дека институциите дозволиле кризата да се продлабочи.

„Додека гостиварчани пиеле вода со фекалии институциите не презеле ништо. Потоа ги криеја податоците од јавноста. Сега, кога кризата веќе се разгоре, признаваат дека постои ризик од жолтица и други заразни болести“, се наведува во соопштението на СДСМ.

Партијата оценува дека здравјето на граѓаните било ставено во втор план и бара јавноста да добие целосен увид во анализите на водата.

„Јавноста сè уште нема добиено официјален и потпишан извештај со анализите за таканаречената „техничка вода“ во Гостивар. Кој институт ги изработил анализите? Кој го потпишал и одобрил извештајот? Врз основа на кои параметри е утврдено дека водата е безбедна за употреба?“, прашуваат од СДСМ.

Во соопштението се бара итно да се извршат анализи на водата за пиење во сите населени места во државата и резултатите јавно да бидат објавени.

„СДСМ бара итно да се направат анализи на водата во сите населени места во Македонија, а резултатите веднаш и целосно да бидат објавени пред јавноста. А за труењето на граѓаните мора да има кривична одговорност“, наведуваат од партијата.

СДСМ смета дека, покрај политичка, треба да се утврди и кривична одговорност за сите надлежни кои, според нив, знаеле за состојбата, а не презеле соодветни мерки за заштита на јавното здравје.