Поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, на 2 јули треба да се јави во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари за издржување на затворската казна.

Од Основниот кривичен суд Скопје информираа дека судија за извршување санкции му издал упатен акт за издржување на правосилно изречената казна затвор во траење од една година.

„На осудениот С.Ј. му е издаден упатен акт за издржување на едногодишната казна затвор и е упатен да се јави во Затвор Скопје на 2 јули 2026 година“, соопштија од судот.

Пред неколку дена беше објавено дека по одлука на Апелацискиот суд, Јакимовски правосилно е осуден на една година затвор во предметот поврзан со изградбата на општинската зграда.

Сепак, тоа не значи дека тој ќе помине цела година во затвор, бидејќи во казната ќе му биде пресметан и периодот од пет месеци што претходно го помина во притвор.

Со тоа, согласно пресметките, Јакимовски треба да издржи уште околу седум месеци од затворската казна во затворот во Шуто Оризари.

The post Кривичен суд го упати Јакимовски во затвор на 2 јули appeared first on Скопско ЕХО.