СДСМ и Левица, но и многу граѓани преку социјалните мрежи упатија критики за новиот билборд поставен на влезот во Скопје, оценувајќи дека визуелното решение е несоодветно и содржи повеќе грешки. Од СДСМ тврдат дека на билбордот коњот Букефал е прикажан со пет нозе и дека наместо вистинско разубавување на градот, граѓаните добиле симбол на аматеризам. Партијата обвини дека градската власт, наместо да инвестира во инфраструктура, чистота и јавен превоз, се занимава со, како што велат, кампањи без реални резултати.
Со слични критики се огласи и Левица, од каде наведуваат дека билбордот не го претставува автентично Скопје и содржи повеќе историски и визуелни неточности. Од партијата бараат да се објави кој го изработил и одобрил решението, колку чинело и од која буџетска ставка е финансирано. И двете партии сметаат дека ваквото претставување на главниот град е несоодветно, особено во пресрет на 2028 година, кога Скопје ќе биде Европска престолнина на културата.
Град Скопје и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски засега не се произнесоа по овие критики.
The post Критики во јавноста за новиот „Добродојде“ билборд на влезот во Скопје appeared first on Скопско ЕХО.