
Ројтерс ги анализираше записите од блокчејн, корпоративната документација, објавите на интернет и јавните изјави на членовите на семејството Трамп и раководителите на проектите, како и разговорите со лидерите од криптоиндустријата. Нивните наоди беа прегледани од повеќе од десет експерти за сметководство и криптовалути, кои проценките ги оценија како разумно утемелени.
Во средиштето на истражувањето се наоѓаат четири проекти: World Liberty Financial, меме-токенот $TRUMP, American Bitcoin и AI Financial Corp – компанија која до април се викаше ALT5 Sigma. Иако проектите се разликуваат по својата структура, Ројтерс наведува дека во сите нив се повторува истиот образец: Трампови вложиле малку или воопшто немале сопствени пари, ги промовирале проектите со своето име и со политичката видливост, а потоа оствариле огромна заработка додека малите инвеститори купувале средства чија вредност подоцна драстично паднала.
Белата куќа не ги коментираше директно наодите на Ројтерс. Портпаролката Ана Кели изјави:
„Сите активности на претседателот Трамп и на неговата администрација се преземаат во најдобар интерес на американскиот народ.“
Ерик Трамп и Доналд Трамп Помладиот не одговорија на барањата за коментар.
Една од инвеститорките е 29-годишната Фатима Елргадави, инженерка за софтверски проекти од Санта Барбара. Во јануари 2025 година, додека Трамп се подготвуваше за враќање во Белата куќа, една пријателка ѝ ја покажала неговата интернет-објава со која се промовирал нов криптотокен:
„НАБАВЕТЕ ГО ВАШИОТ $TRUMP ВЕДНАШ.“
Елргадави помислила дека се работи за сигурна инвестиција.
„Ако Трамп стои зад тоа, тогаш мора да биде легитимна инвестиција“, се присетува таа.
Вложила 2.000 долари од својата заштеда во меме-токенот $TRUMP. Кон крајот на мај, нејзината инвестиција вредела помалку од 120 долари.
Меме-токените претставуваат исклучително шпекулативен вид криптовалути чија вредност често зависи од популарноста на социјалните мрежи, а не од реална деловна активност. Ројтерс наведува дека $TRUMP, од својот врв достигнат во јануари 2025 година, изгубил дури 97 отсто од вредноста.
Елргадави денес вели дека ѝ е јасно оти за нејзината инвестиција „повеќе нема надеж“. Смета дека во прашање била класична шема „напумпај па продај“ (pump and dump), но додава дека сепак се смета за среќна во споредба со луѓето што изгубиле многу поголеми износи.
Ројтерс разговараше со 27 поединечни инвеститори. Речиси сите знаеле за претходните банкроти на Трамп и за неговите неуспешни деловни потфати, но верувале дека неговото име, политичката положба и репутацијата на деловен човек ќе им донесат профит. Многумина признаваат дека пред вложувањето направиле малку или речиси никакво сопствено истражување.
Еден софтверски инженер од Минесота изгубил 60.000 долари од својата заштеда. Менаџер на хотел од Виетнам ја изгубил својата повеќегодишна заработка. Мет, 45-годишен машински техничар од Индијана, вложил 40.000 долари во акциите на ALT5 Sigma. Вредноста на неговите акции паднала за 79 проценти, односно за околу 32.700 долари.
„Кога една акција има поддршка од претседателот, па макар и преку неговите синови, мислите дека ќе расте“, рече Мет.
„Се сметам себеси за губитник, но сè уште немам се откажано“, додаде тој.
Некои инвеститори не го винат семејството Трамп. Еден претприемач од Тексас вложил 5.000 долари во American Bitcoin бидејќи, како што вели, „едноставно имав чувство дека Трамп знае како се работи“. Акциите ги продал со загуба од околу 800 долари, но смета:
„Сите криптовалути моментално се во пад, така што не можете директно да го обвинувате Трамп.“
Најголемиот проект е World Liberty Financial, кој го основаа членовите на семејството Трамп заедно со неколку соработници. Компанијата во октомври 2024 година ја започна продажбата на токени, а Ерик Трамп и Доналд Трамп Помладиот беа главните промотори. Проектот беше претставен како обид за „изградба и демократизација на нов финансиски систем за добробит на милиони луѓе“.
На купувачите на токените им беше ветено ограничено право на глас за поединечни прашања, но не и удел во добивката. Доналд Трамп, непосредно пред почетокот на продажбата, на мрежата Икс (Х) ги повика своите милиони следбеници да купуваат токени.
Многумина очекуваа заработка кога токените ќе бидат уврстени на берзите. Меѓутоа, World Liberty на инвеститорите најпрво им забрани продажба на повеќе од 20 отсто од нивните токени. Потоа, во април беше усвоен предлог според кој сопствениците нема да можат целосно да располагаат со своите токени сè до 2030 година, односно откако Трамп ќе ја напушти функцијата претседател.
Еден европски инвеститор кој вложил 45.000 долари, таквата блокада на токените ја нарече „целосна измама“.
Ројтерс наведува дека претседателот го лиценцирал своето име на компанијата преку договор според кој 75 отсто од приходите од продажбата на токените се пренасочуваат кон ентитетот DT Marks DEFI LLC, кој е 70 отсто во сопственост на фондацијата на Доналд Трамп.
Според Ројтерс, World Liberty досега на семејството Трамп му донел повеќе од 1,6 милијарди долари, додека загубите на инвеститорите се проценуваат на 674 милиони долари.
Три дена пред втората инаугурација, на 17 јануари 2025 година, Трамп ја повика јавноста да го купува меме-токенот $TRUMP.
Еден ден подоцна, Ерик Трамп го нарече „најпопуларниот дигитален меме-токен во светот“, додека Доналд Трамп Помладиот ја понови пораката во моментот кога цената ја достигна рекордната вредност од 75,35 долари.
Потоа цената падна за околу 80 проценти, додека раните инвеститори ја наплатуваа својата добивка.
Ројтерс проценува дека $TRUMP на семејството Трамп му донел околу 616 милиони долари, додека купувачите изгубиле повеќе од 700 милиони долари.
Минатиот август World Liberty Financial се здружи со компанијата ALT5 Sigma, која денес работи под името AI Financial Corp.
ALT5 Sigma со продажба на нови акции собра 750 милиони долари, а 717 милиони долари потроши на купување токени на World Liberty Financial.