
Рускиот претседател Владимир Путин никогаш не одбил да разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски, а доколку сака средба во живо, може да дојде во Москва, изјавил советникот на Путин Јуриј Ушаков.
Во разговор со Павел Зарубин, новинар од руската телевизиска станица „Вести“, Ушаков одговорил на прашањето дали Путин би прифатил телефонски повик од украинскиот претседател, пренесува руски ТАСС.
„Мислам дека, секако, би се јавил. Путин никогаш не одбил да разговара“, кажал Ушаков.
Во исто време, тој нагласи дека Зеленски, доколку сака лично да разговара со рускиот претседател, може да дојде во Москва.
„Тој испраќа сигнали преку различни канали. Ако навистина сака да преговара, слободно може да дојде во Москва“, рекол советникот на Путин.