
Русија повеќе не намерава да ги врати окупираните делови на Украина во склоп на евентуален мировен договор, туку планира да ги задржи како тампон-зони. Информацијата доаѓа од извори блиски до Кремљ, кои наведуваат и дека рускиот претседател Владимир Путин не се откажува од намерата воено да ја освои целата регија Доњецк. Три извори, кои поради чувствителноста на темата побараа анонимност, потврдуваат дека Русија како тампон-зони ќе ги задржи и деловите од Сумската и Харковската Област долж границата, пишува „Bloomberg“.
Путин се откажа од територијалните отстапки бидејќи Москва смета дека сè поострите пораки од САД го потврдуваат неуспехот на неформалните договори од Алјаска, каде што минатиот август се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп. Иако САД тврдат дека на тој самит не е постигнат никаков договор за завршување на војната, функционерите од Кремљ инсистираат дека постоел пакет обврски во склоп на таканаречениот договор во „духот на Енкориџ“.
Тој аранжман наводно предвидувал американски притисок врз Украина да предаде територија во Доњецк, а Русија за возврат би се повлекла од окупираните делови на Сумската и Харковската Област. Кремљ го затегна својот став по зачестените украински напади длабоко во руската територија, вклучително и ударите врз Москва кои оштетија рафинерии и предизвикаа недостиг од гориво.
Дополнителна причина е и поддршката на Трамп за новиот предлог-закон за санкции, зад кој стоеше покојниот сенатор Линдзи Грем. Законот предвидува воведување царини до 100 проценти за петте најголеми купувачи на руска нафта и гас. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, не одговори на барањето за коментар.
Самитот меѓу Трамп и Путин беше нивна најдолга директна средба и од него се очекуваше напредок кон завршување на војната. Сепак, Путин го напушти Енкориџ без согласност за прекин на огнот како предуслов за мировни преговори, а Трамп изјави дека одлуката за договорот зависи од украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Мировните преговори меѓу Русија и Украина под американско водство се во застој од февруари, бидејќи администрацијата на Трамп се фокусираше на војната со Иран. Зеленски во јуни со отворено писмо го повика Путин на директни мировни преговори за да се стави крај на војната која трае петта година.
Путин ја одби понудата и порача дека неговата армија треба „да продолжи со работата“. Во меѓувреме, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Марко Рубио учествуваат на состанокот на членките на АСЕАН на Филипините. Рубио во понеделникот изјави дека е „отворен“ за разговор со Лавров во Манила, но ниту една страна сè уште не потврдила дека состанокот ќе се одржи.
Последниве недели Русија ги засили нападите со дронови и проектили врз Киев и други украински градови. Жeстоки борби продолжуваат во регијата Доњецк, со тежиште на Костјантинивка. Станува збор за стратешки важно логистичко сообраќајно чвориште чие заземање би го отворило патот кон главните украински одбранбени упоришта, Краматорск и Славјанск.
Целта на Путин е Украина да предаде контрола врз целата територија на Доњецк, вклучително и деловите што руските сили не успеаја да ги заземат од почетокот на борбите во 2014 година. Украина тоа барање го одбива и предлага прекин на војната на постојните линии на фронтот.
Според изјавите на два извора блиски до Кремљ, Русија е подготвена да се врати на преговорите дури откако Путин ќе ја оствари целта и ќе го заземе цел Доњецк. Еден од изворите наведува дека руското Министерство за одбрана го уверило претседателот дека може да воспостави целосна контрола врз тоа подрачје до крајот на годината.
Меѓутоа, многумина во руската армија го сметаат тој рок за нереален. Лице блиско до Министерството за одбрана во Москва тврди дека контролата врз регијата Доњецк ќе можат да ја воспостават дури во текот на 2027 година.
Американскиот државен секретар Марко Рубио на 25 јуни им рече на новинарите дека на Алјаска постоел предлог, но не и договор. „На Алјаска имаше предлози, но не и договор. Доколку беше постигнат договор, војната веќе ќе беше завршена“, изјави тој.
Ден подоцна се огласи и Сергеј Лавров. Во соопштението тој наведе дека Путин на Алјаска одговорил на предлозите што претходно во Москва ги донесе пратеникот на Трамп, Стив Виткоф.
„Ако една страна, во овој случај Соединетите Држави, ги изнесе своите предлози за решение на кризата, а другата страна се согласи со нив, тогаш тврдењето дека не е постигнат никаков договор делува, најблаго речено, неелегантно“, порача Лавров.