
„Францускиот предлог во тој момент беше најдобриот предлог којшто беше на маса и сите актери коишто учествуваа во тие преговори ќе ви го дадат истиот одговор“, изјави поранешниот Премиер на Македонија и актуелен пратеник од редовите на СДСМ, Димитар Ковачевски вчеравечер во своето гостување на „Само Интервју“ на „Канал 5 ТВ“, додавајќи дека Македонија водела интензивни разговори со бугарската страна и со претставници на Европската Унија, особено со француското претседателство и претседателот Емануел Макрон, при што предлогот бил изграден врз основа на претходниот португалски предлог.
„Тој предлог обезбеди признавање од сите 27 членки за македонскиот јазик таков каков што ние го говориме, како што го дефинираме… Бугарија за своја внатрешна употреба може да прави што сака меѓутоа во ЕУ, во документите на преговарачката рамка стои македонски јазик, унилатерална изјава може да даде секој за секого. Таму се даваат унилатерални изјави од страна на државите за многу прашања кои унилатерални изјави не се дел од документите“, изјави Ковачевски.
Тој изјави дека проширувањето на Европската Унија не е само економско, туку и геополитичко прашање и тој период, поради војната во Украина, бил момент кога за првпат по подолг временски период се отворил прозорец за проширување на Европската Унија, што било и потврдено и со одржување на меѓувладини конференции.