
„Овогодишниот извештај на европратеникот Томас Вајц за напредокот на Северна Македонија е уште еден обид на Скопје за политички маневри кој брзо ќе биде заборавен, бидејќи документот нема правно обврзувачка сила“, изјави бугарскиот европратеник Андреј Ковачев за БГНЕС пред средба со потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, организирана токму по повод, како што вели, „скандалозните предлози“ во нацрт-извештајот.
На средбата во Софија, покрај Ковачев, присуствуваа и европратениците Ивајло Влчев, Андреј Новаков, Елена Јончева, Танер Кабилов и Илија Лазаров, што ја потврдува сериозноста со која бугарските претставници во ЕП гледаат на овој документ.
Според Ковачев, главната цел на македонската дипломатија преку извештајот на Вајц е да се минимизира значењето на Вториот протокол од Договорот за добрососедство од 2017 година, кој е интегрален дел од преговарачката рамка.
„Идејата на Скопје е да се обиде да го доведе под знак прашање тоа дали вториот протокол е дел од преговарачката рамка, иако во точката пет јасно стои дека Европската комисија мора да го следи исполнувањето на двата договора заедно со годишните протоколи“, посочува Ковачев.
Тој додава дека друг спорен момент е обидот во извештајот да им се наметнат обврски на земјите членки за извршување на пресудите од Судот за човекови права во Стразбур, на што, според него, „воопшто не му е местото во извештај за напредок на земја кандидат“.
Иако признава дека извештаите на ЕП имаат морална и политичка тежина – поради што Софија веќе поднела десетина амандмани за да ја неутрализира „македонската лобистичка кампања“ – Ковачев е дециден дека документот не може да го загрози т.н. „француски предлог“ од 2022 година.
„Овие извештаи се незаконодавни и необврзувачки. Од нив не произлегува никаква обврска ниту за Советот, ниту за Комисијата. Медиумите ќе зборуваат неколку месеци на оваа тема, додека не се заборави и не дојде следната година“, изјави европратеникот.
Ковачев упати директни критики до премиерот Христијан Мицкоски и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, обвинувајќи ги дека го губат времето на сопствените граѓани со непотребни иницијативи, како што е преиспитувањето на Вториот протокол пред Уставниот суд.
Тој потенцираше дека во Вториот протокол нема ништо спорно, бидејќи тој опфаќа соработка во екологијата, инфраструктурата, мерки против говорот на омраза и заштита на правата на граѓаните со бугарска самосвест, како и работа на Историската комисија за промена на учебниците.
„Тие мора да го исполнат она што го презедоа како обврска – Република Северна Македонија да ги вклучи Бугарите во Уставот за да започнат преговорите и да работат во интерес на своите граѓани“, заклучи Ковачев.