
По реакциите од невладините организации дека со предлог законот за спроведување на проектот „Скопје – европска престолнина на културата 2028 година“, кој денес треба да се донесе по Скратена постапка, дека со него практично се отвара врата за корупција бидејќи се иззема од Законот за јавни набавки, од опозицијата велат дека со ова законско решение не само што се заобиколува транспарентноста во трошење на народните пари, туку во него никаде не се споменати уметниците кои пред три години му ја донесоа титулата европска престолнина на културата на Скопје.
„Град Скопје нема да може да аплицира повторно за Европска престолнина на културата ако не направи исчекор во одбрана на титулата“ – ваква порака добиле Министерство за култура и Владата, и затоа се носи овој закон вака набрзина, изјави за „Локално“ пратеничката Бисера Костадиновска Стојчевска.
-Она што го знаеме како информација е дека ова предлог законско решение се носи токму денес затоа што од Брисел, Министерството за култура, Владата и Град Скопје добиле известување дека ако не се покаже придвижување на Град Скопје во насока на Европска престолнина на културата, титулата е навистина загрозена и дека ако до 30 јули не се направи никаков исчекор, понатаму Градот Скопје нема да може ни да аплицира за повторно некогаш да ја добие оваа престижна титула, изјави Костадиновска Стојчевска.
Таа за „Локално“ изјави дека до нив вчера и денес пристигнале многу реакции од претставници од уметничката фела и од граѓанските здруженија.
-Реакциите се за новиот предложен закон кој денес е на дневен ред во Собранието. Законот за воспоставување на фондација за менаџирање на проектот за европска престолнина на култура 2028 година и сметам дека тие реакции се многу исправни, затоа што самиот закон има многу недоследмности и недостатоци, а најголемите се во два аспекти, вели Костадиновска-Стојчевска.
Таа рече дека првиот е што се заобиколува законот за јавни набавки со членот 21.
-Како ќе се менаџираат оние големи јавни набавки, бидејќи европска престолнина на култура, не е мал едногодишен проект, бидејќи таа титула која ја добивме уште од пред две години треба да се менаџира многу поинаку. Да наследството од тој проект е многу големо, но не смее да биде со ваква рамка, каде ќе значи да се избегнуваат јавните набавки и да нема никаква транспарентност во трошење на народните пари, изјави Костадиновска-Стојчевска.

Фото: Фејсбук/Министерство за култура
Таа рече дека вториот аспект е дека во самото законско решение никаде не се споменуваат уметниците, што според неа е многу жално.
-Титулата европската престолнина на култура успешно ја одбранивме во 2023 година, ја одбранија самите уметници. Градоначалник, министер, влада се само тела кои им овозможуваат на уметниците да креираат и да творат благодарение на нивниот труд. Од првичниот тим кој што ја спремаше таа номинација и секоја понатамошна промена во тимовите во ниеден момент таму немаше политичари, таму беа само уметници. Ова предлог решение покрај изземање од јавни набавки, односно никаде не ги споменува ни самите уметници, кои всушност ја донесоа титулата и тие се тие што треба да ја одбраната во цел свој сјај во 2028 година, изјави Костадиновска-Стојчевска.
За неа и за опозициските пратеници е нејасно зошто проектот „Скопје европска престолнина на култура“ кој во Град Скопје си имал веќе воспоставен механизам како тоа ќе функционира, се што требало да се направи е креативниот тим, кој е веќе формиран и кој ја поднесе и одбрани кандидатурата, требало само да ги разработи веќе усвоените проекти и да се продолжи со воспоставување на мрежата.
-Зошто сега се прави ова, зошто се формира Фондација на ваков начин и зошто се формира ваква Фондација, која не е во согласност ниту со Законот за фондации, не ни е јасно. Зошто секаде стои Градоначалник, Влада, Одбор итн, односно повторно гледаме закон во кој политичкото влијание се зголемува, изјави Костадиновска-Стојчевска.
Таа рече дека Скопје кога ја доби титулата во 2023 година, Владата испрати писмо до Европската Комисија дека се обврзува секоја година настрана од буџетот на Министерство за култура, секоја година да одвојува средства и да го помага овој проект.
-Зошто немаше поместување две години и зошто гедаме сега едно брзо решение кое наликува на едни далечни времиња кога граѓаните немаа увид како се трошат парите, а најмалку уметниците. Од нашето истражување, секаде има управително тело, дали ќе биде Фондација, дали ќе биде одбор, дали ќе биде работна група која тоа до крај ќе го изнесе, воопшто тоа не е важно. Начинот на кој е поставена самата Фондација е многу проблематичн, а креативниот тим во рамки на Град Скопје си постоеше, луѓето се таму, уметниците се таму, но нивното дооформување немаше потреба да биде на ваков начин со излегување од закони и со целосно ставање на страна на уметниците, изјави Костадиновска-Стојчевска.
Е.Б.