
Косовските студенти најавија дека ќе организираат мирен протест на 5 јуни пред Амбасадата на Македонија во Приштина. Протестот ќе започне во 14:00 часот и има за цел да изрази поддршка за студентите Албанци во Македонија, кои бараат употреба на албанскиот јазик на правосудниот испит.
Како што пренесуваат медиумите на албански јазик во земјава, организаторите велат дека албанскиот јазик е загарантирано право и треба да се користи во сите државни институции и процедури. Нагласуваат дека протестот ќе биде мирен и има за цел да испрати порака за солидарност со студентите од Македонија.
Преку јавен апел, тие ги повикаа студентите, студентските организации, претставниците на граѓанското општество и граѓаните да се приклучат на протестот.
Овој протест доаѓа по слични собири одржани во Скопје и Тирана, додека прашањето за употребата на албанскиот јазик на државните испити во Македонија продолжува да предизвикува бројни реакции.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера најави дека в понеделник очекува средба во неговиот кабинет на која треба да „падне“ договор меѓу коалициските партнери за ова прашање, кое предизвика студентски протести, но и сериозни бранувања на политичката сцена. Премиерот, како што самиот рече, се уште не го видел предлогот на групата уставни експерти.