
Предвремените избори ја одразуваат долготрајната политичка и институционална криза, во која движењето „Самоопределување“ на премиерот Албин Курти се надева на уште една победа.
Ова ќе бидат 11. парламентарни избори од 2001 година, кога се одржаа првите повоени национални избори, а повеќето од нив не беа редовни.
Овие предвремени избори се распишани бидејќи косовскиот парламент не успеа да избере нов претседател во уставниот рок по завршувањето на мандатот на претседателката Вјоса Османи. Претседателот на државата се избира посредно, во парламентот.
Османи, која беше избрана за претседателка во април 2021 година по победата на „Самоопределување“, изрази желба за втор мандат, но не ја доби поддршката од Курти. „Самоопределување“ предложи неколку кандидати за претседател, но ниту еден од нив не ја доби потребната поддршка од опозицијата.
По истекот на мандатот на Османи, претседателските овластувања на 4 април ги презеде претседателката на парламентот Албулена Хаџиу, која ќе биде вршител на претседателската должност до изборот на нова претседателка или претседател.
Политичката и институционалната криза на Косово се продлабочи по парламентарните избори во февруари минатата година, кога, и покрај убедливата победа на „Самоопределување“, следуваа бројни неуспешни обиди за конституирање на парламентот и за формирање влада.
Курти за политичкиот застој ја обвинува опозицијата, додека најголемата опозициска партија, Демократската партија на Косово (ДПК / PDK), смета дека владејачкото „Самоопределување“ е одговорно за новите предвремени избори.
Според државната изборна комисија, на неделните избори учествуваат 21 политичка партија или коалиција.
„Самоопределување“, кое исто така победи на предвремените парламентарни избори минатиот декември, смета на трета победа. Османи, која претендира на враќање на претседателската должност, во меѓувреме повторно се приклучи на својата поранешна партија, Демократскиот сојуз на Косово.
Партијата на Курти доби 51 отсто од гласовите на минатите избори. ДПК беше втора со 20 отсто поддршка, ДСК трета со околу 13 отсто од гласовите на вистинските избирачи, а Алијансата за иднината на Косово четврта со 5,5 отсто поддршка.
Десет места во 120-члениот косовски парламент ѝ припаѓаат на српската малцинска заедница, а уште десет се резервирани за претставниците на другите малцинства.
„Српска листа“, која е поддржана од официјален Белград, освои девет места резервирани за српската заедница на претходните предвремени избори. Десеттото место ѝ припадна на листата „За слобода, правда и опстанок“ на Ненад Рашиќ, кој е министер за заедници и враќање во владата на Курти.