Косовската влада ја повика Европската Унија посилно да ја осуди и да реагира на изјавата на српската министерка за државна управа и локална самоуправа, Снежана Пауновиќ, за „етничко чистење“ на Косово, оценувајќи дека првиот одговор на Брисел бил „ограничен и задоцнет“, јави Радио Слободна Европа од Приштина.

Министерката Пауновиќ од Социјалистичката партија на Србија (СПС), коалициски партнер на владејачките напредничари (СНС), пред една недела за провладината телевизија „ТВ Курир“ изјави дека во 1998 година „би го исчистила етнички Косово доколку била на местото на Слободан Милошевиќ“.

Откако видеоснимката од интервјуто се прошири на социјалните мрежи, во Белград следуваше бран осуди и барања министерката да биде разрешена од должноста или самата да поднесе оставка.

Властите во Приштина на 15 јули ја прогласија српската министерка за персона нон грата поради нејзината изјава дека „би го исчистила етнички Косово“, а потпретседателот на техничката косовска влада и министер за надворешни работи, Глаук Коњуфца, упати писмо до високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, барајќи посилен одговор на нејзината изјава, објави денеска косовската влада.

Владата на Косово бара од ЕУ „јасно и јавно да ги осуди изјавите на министерката Пауновиќ, јасно да им стави до знаење на српските власти дека таквата реторика е неприфатлива и спротивна на европските вредности, и сериозно да се позанимава со тоа прашање во рамките на политичкиот дијалог и процесот на пристапување на Србија во Унијата“.

Осуда за изјавата на Пауновиќ веќе пристигна од ЕУ во четвртокот, кога комесарката за проширување Марта Кос рече дека е изненадена од тоа што таа по таквите ставови и понатаму е министерка во српската влада.

„Нема ни да го повторам тоа што го кажа. Беше навистина шокантно да се чуе таква изјава. Не можам ни да замислам дека министерка, по таква јавна изјава, може да продолжи да ги извршува своите должности“, рече Марта Кос.

Српскиот претседател Александар Вучиќ порача дека изјавата на Снежана Пауновиќ не ја одразува неговата волја, ниту волјата на српската влада чија политика е „дијалог, а не етничко чистење“, но министерката не го повлече кажаното, туку оцени дека нејзините зборови биле „извлечени од контекст“, извинувајќи му се на Вучиќ и на Владата за реакциите што ги предизвикале.

Пратеникот на партијата на Албанците од југот на Србија, Шаип Камбери, порача дека „како земја кандидат за членство во Европската Унија, Србија има обврска да ги почитува и штити правата на малцинските заедници“, а од редовите на опозицијата и организациите на косовските Срби изјавата беше оценета како „штетна“ и како „директна закана за безбедноста на Србите кои денес живеат на Косово“.

Во меѓувреме, група опозициски пратеници во Собранието на Србија поднесоа барање до премиерот Ѓуро Мацут за смена на Снежана Пауновиќ, но владата засега не реагираше.