Швајцарците во недела, на 14 јуни, ќе гласаат на референдум за иницијатива со која бројот на жители во земјата би се ограничил на 10 милиони, а владата би била обврзана да воведе построги мерки за управување со миграцијата. Доколку биде потребно, предлогот предвидува и раскинување на договорот за слободно движење со Европската Унија.Иницијативата ја покрена десничарската и евроскептична Швајцарска народна партија (СВП), која е најсилна политичка сила во парламентот. Според податоците, минатата година во Швајцарија живееле 9,1 милион жители, а повеќе од една четвртина од нив немаат швајцарско државјанство. Проекциите покажуваат дека бројот на жители околу 2040 година би можел да достигне 10 милиони.Предлогот предвидува ограничување на правото на азил и на спојување на семејствата кога бројот на жители ќе достигне 9,5 милиони. Доколку се надмине границата од 10 милиони жители, парламентот би морал да преземе дополнителни мерки, меѓу кои и можноста за раскинување на договорот за слободно движење со ЕУ, кој е во сила од 2002 година.Таквиот потег би можел сериозно да влијае врз околу 415.000 граѓани од земјите членки на ЕУ кои секојдневно патуваат на работа во Швајцарија, главно од Италија, Франција и Германија. Исто така, би можеле да бидат загрозени правата на околу 480.000 Швајцарци кои живеат во земјите на Европската Унија.Против иницијативата се изјаснија мнозинството во владата, останатите политички партии и деловната заедница, предупредувајќи дека ограничувањата би можеле да предизвикаат сериозни последици врз економијата, здравството, јавниот превоз и секторите кои зависат од странска работна сила.Според последните анкети, 52 проценти од испитаниците се против предлогот, 45 проценти го поддржуваат, додека останатите сè уште не одлучиле како ќе гласаат.