Со свечено испраќање од дворот на црквата „Св. Петар и Павле“ во скопската населба Горно Лисиче, околу 40 коњаници и коњанички денеска го започнаа 48. Традиционален Илинденски коњички марш кон Крушево, продолжувајќи ја долгогодишната традиција посветена на чествувањето на Илинден и на македонските херои.

По свеченото тргнување, учесниците продефилираа низ Општина Аеродром, а првата дестинација на нивното патување вечерва е населбата Долно Лисиче. Утре маршот продолжува кон Петровец и Велес.

Според предвидената маршрута, на 31 јули коњаниците од Горно Лисиче ќе им се придружат на учесниците од Свети Николе, Кичево и Битола, испраќајќи порака за единство, почитување на традицијата и зачувување на македонското историско наследство.

Крајната дестинација на маршот е Крушево, каде што на 2 Август – Илинден, коњаниците ќе учествуваат во централната прослава по повод големиот државен празник.

The post Коњаниците од Горно Лисиче тргнаа кон Крушево, започна 48. Илинденски коњички марш appeared first on Прва Скопска ТВ.