По повеќемесечните реакции на сточарите и предупредувањата за ширење на овчите сипаници, во Македонија пристигна првата поголема количина вакцини против оваа болест кај овците и козите.

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) информира дека вчера, 3 ноември, на Меѓународниот аеродром Скопје пристигнале 400.000 дози вакцини од Турција.

Од АХВ соопштија дека веднаш започнува спроведувањето на итната вакцинација на целата територија на државата, согласно Планот за итна вакцинација кој е одобрен од Европската Унија.

Сточарите во изминатиот период повеќепати алармираа за последиците од појавата и ширењето на болеста, како и за потребата од навремена набавка на вакцини. Поради состојбата беа организирани и протести со барања за побрза реакција од надлежните институции.

„Здравјето на животните и заштитата на сточниот фонд остануваат наш врвен приоритет. Продолжуваме со конкретни мерки и активности во интерес на сточарите и македонското сточарство“, наведуваат од АХВ.

Со започнувањето на вакцинацијата се очекува да се намали ризикот од понатамошно ширење на болеста и да се обезбеди поголема заштита на сточниот фонд во земјава.

The post Конечно пристигнаа вакцините против овчи сипаници, АХВ стартува со имунизација appeared first on Скопско ЕХО.