ЈПКД „Комуналец“ од Струмица најави оперативна санација и поставување целосен видеонадзор на депонијата кај селото Добрашинци, по неодамнешниот пожар на оваа локација.
Од претпријатието информираат дека веднаш по избувнувањето на пожарот, нивните екипи, заедно со противпожарните служби, интервенирале со механизација за стабилизирање на состојбата.
Според првичните согледувања, како една од можните причини за пожарот се посочува самозапалување предизвикано од метан што се создава при разградувањето на органската материја. Од „Комуналец“ нагласуваат дека станува збор за појава карактеристична за вакви простори, но и дека состојбата на депонијата е последица на долгогодишни предизвици во нејзиното управување и опременост.
Во наредниот период ќе биде ангажирана дополнителна механизација за целосна оперативна санација на депонијата, ќе биде поставен видеонадзор, а состојбата континуирано ќе се следи и стабилизира со цел да се спречат слични ситуации во иднина.
Од ЈПКД „Комуналец“ – Струмица посочуваат дека сериозно ја сфаќаат загриженоста на граѓаните и дека ќе продолжат со преземање мерки за поодговорно и современо управување со депонијата.
The post КОМУНАЛЕЦ ЌЕ ЈА САНИРА ДЕПОНИЈАТА КАЈ ДОБРАШИНЦИ: Нова механизација и целосен видеонадзор по пожарот appeared first on Radio StrumicaNet.