
ДУИ во партиско соопштение изрази сомнежи во врска со доделувањето на јавни набавки во Општина Чаир на компанијата „НУМ Констракшн ЛТД“ (NUM CONSTRUCTION LTD), повикувајќи ги надлежните институции да ги испитаат сите околности поврзани со склучените договори.
Од партијата наведуваат дека, според јавно објавени документи, компанијата, која е основана во јули 2024 година, добила четири договори од Општина Чаир во вкупна вредност од над 3,4 милиони евра. Според ДУИ, два од тендерите биле доделени за време на мандатот на актуелниот градоначалник Висар Ганиу, а два во периодот кога со општината раководел Изет Меџити.
„Она што го прави случајот уште повознемирувачки е фактот што Аднан Синани, кој во јавноста е познат како дел од најблискиот круг на Изет Меџити, е директно поврзан со адресата од која работи оваа компанија. Токму поради оваа причина, граѓаните имаат право да бараат целосна транспарентност и јасни одговори.
– Кој ја препорача оваа компанија?
– Како е можно новооснована компанија за краток период да добие јавни договори во вредност од над 3.4 милиони евра?
– Дали постоеле лични, семејни, бизнис или политички врски кои влијаеле на овие процеси?
-Зошто истата компанија била добитник на милионски договори како за време на мандатот на Висар Ганиу, така и во периодот на Изет Меџити?
-Дали Државната комисија за спречување на корупцијата, Јавното обвинителство и другите надлежни институции ќе отворат постапка за проверка на сите околности на овој случај?
„Мора да се отстранат сите сомнежи за евентуално фаворизирање лица блиски до центрите на моќ. Колку е поголема блискоста со носителите на одлуки, толку е поголема потребата од транспарентност и јавна отчетност“, се вели во соопштението на партијата од Мала Речица.
Партијата порачува дека трошењето на јавните средства мора да биде целосно оправдано и транспарентно, а секој сомнеж поврзан со користењето на парите на граѓаните да биде темелно истражен од надлежните органи.