
Командантот на КФОР, генерал-мајор Озкан Улуташ, изјави за општата безбедносна ситуација на Косово дека е мирна и дека нема показатели за директни закани по безбедноста, иако предупреди дека „нерешените тензии, запалливата реторика и дезинформациите и понатаму претставуваат предизвици кои бараат постојана будност“.
Во интервју за приштинската агенција Телеграфи, Озкан Улуташ изјави дека КФОР е подготвен да одговори на секое можно влошување на ситуацијата, како и дека мисијата на НАТО е опремена, обучена и распоредена така што може брзо да реагира доколку биде потребно.
Командантот на КФОР оцени дека и на северот на Косово е мирно и дека не се забележани инциденти слични на оние од 2023 година, но нагласи дека мисијата не го намалува нивото на будност поради нерешените прашања и влијанието што можат да го имаат дезинформациите и неодговорната реторика.
Тој наведе дека и понатаму постојат одреден број нерешени прашања „кои мора да се имаат предвид“.
„Затоа мора да останеме будни. Токму тоа КФОР го прави секојдневно, одржувајќи видливо и флексибилно присуство на теренот преку редовни патроли, поставување набљудувачки пунктови и контакти со претставниците на сите локални заедници, со цел да се зачува безбедна и мирна средина за сите луѓе кои живеат на Косово“, изјави командантот на КФОР.
Како што додаде тој, неговиот фокус е насочен кон обезбедување безбедна и мирна средина за сите на Косово, како и слобода на движење, во согласност со долгорочниот мандат заснован на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации од 1999 година.
Тој посочи дека КФОР има блиска координација со безбедносните институции на Косово, ЕУЛЕКС и властите, повторувајќи дека „долгорочната стабилност на Косово не може да се постигне со воени решенија, туку со политички дијалог за нормализација на односите меѓу Приштина и Белград“.