Во изминатите неколку дена Владата на Христијан Мицкоски се соочува со низа ситуации кои, иако не се сите директно предизвикани од премиерот, на крајот се претвораат во политички товар за него. Од случајот со Алта банка и различните изјави на гувернерот и министерката за финансии, преку јавната полемика околу Петар Богојески, до несогласувањата со коалициските партнери ВЛЕН и ЗНАМ – се создава впечаток дека Владата, наместо да ја контролира политичката агенда, постојано мора да одговара на нови отворања на фронтови.
Во таква атмосфера, СДСМ и Левица добиваат дополнителен простор за критики, а секоја комуникациска грешка или несогласување во владиниот табор станува нов аргумент против Мицкоски. Еден од најчувствителните случаи е оној со Алта банка. Ограничувањата со кои се соочија клиентите при располагањето со сопствените средства предизвикаа незадоволство, а информациите за неделните лимити од 10.000 денари, како и за организираното доаѓање граѓани од Прилеп, Ресен и Охрид во Битола за да подигнат пари, дополнително ја зголемија јавната вознемиреност. Иако подоцна беа објавени олеснувања за клиентите, првичната реакција остави сериозен впечаток во јавноста.
Потоа следуваа и изјавите што отворија дополнителни прашања за комуникацијата меѓу институциите. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска јавно соопшти дека гувернерот Трајко Славески не ја консултирал за влезот на Алта банка во Македонија. Славески, пак, потврди дека за процесот разговарал со премиерот Мицкоски. Така, наместо институционално објаснување што ќе ги отстрани дилемите, јавноста доби две различни пораки и нова тема за политички препукувања.
Прашањето не е само кој со кого разговарал, туку и зошто комуникацијата меѓу институциите изгледа неусогласено во момент кога граѓаните очекуваат јасни одговори за своите пари.
Посебна приказна е јавниот настап на Марија Митева во случајот со Петар Богојески. На 3 ноември, во 11:14 часот, министерот за одбрана Владо Мисајловски ја објави најавата дека платите на припадниците на Армијата и вработените во одбраната ќе се зголемат за 10 проценти од 1 јануари 2027 година. Станува збор за конкретна мерка која можеше да биде истакната како позитивен резултат на Министерството за одбрана и на Владата.
Само 35 минути подоцна, во 11:49 часот, Марија Митева објави реакција во која изрази „згрозување и длабоко неверување“ од изјавите на Богојески.
Наместо да ја искористи можноста да зборува за најавеното зголемување на платите и да го претстави како успех на министерот Мисајловски и на Владата, Митева избра јавниот настап да го посвети на осуда на Богојески. Така, позитивната вест од Министерството за одбрана остана во сенка на полемика која отвори нов простор за политички реакции. На штета на Мисајловски и Владата, сепак доминираше личната желба на една група за остстрел на Богојески.
Но, тука има и поширок вредносен и комуникациски проблем. Премиерот Мицкоски во своите јавни настапи зборува за Бог, татковината, семејството и традиционалните вредности. Тоа се пораки со кои Владата настојува да изгради препознатлив вредносен профил. Токму затоа се наметнува прашањето зошто Митева не се осврна на тие пораки и не ја отвори дебатата за вредносните разлики, туку избра да се приклучи во полемиката што ја водеа ХЕРА и Мила Царовска околу изјавите на Богојески. Истите оние кои притискаа за негова промена од Националната агенција од каде што се финансираат, секако со помош на министерката за образование.
За дел од јавноста, нејзиниот настап може да се протолкува како приближување кон позициите на оние кои ги критикуваат традиционалните вредносни ставови, додека премиерот испраќа поинакви пораки. Тоа не е само прашање на личен став, туку и на политичка доследност: дали комуникациските претставници на Владата ја артикулираат вредносната политика што ја промовира премиерот или отвораат дебати што ја доведуваат во прашање нејзината конзистентност?
Дополнително, останува и прашањето дали во јавноста беше пренесена целосната слика за разговорот со Богојески. Од денешна перспектива, сè поочигледно е дека во центарот на вниманието се најде фрагмент од разговорот, кој создаде крајно негативна претстава за него. Се наметнува и сомнежот дека таквото селективно пласирање имало цел политички да го оцрни. Реакцијата на Митева дополнително ја засили полемиката, иако јавната осуда не беше едногласна – дел од жените членки и функционерки не се приклучија на бранот осуди.
Во меѓувреме, наместо да се затвораат внатрешните несогласувања, се отвораат нови. По изборниот резултат во Брвеница, од ВМРО-ДПМНЕ упатија обвинувања дека ВЛЕН се однесува како „тројански коњ“ за ДУИ. Од ВЛЕН возвратија дека ниту една партија не ги поседува гласовите на граѓаните. Ова не е обична размена на политички пораки меѓу партии, туку јавно несогласување меѓу коалициски партнери кои треба заеднички да ја носат одговорноста за владеењето.
И ЗНАМ испрати јасна порака. Лидерот Максим Димитриевски најави дека партијата би можела да ја напушти Владата доколку правосудниот испит се полага и на албански јазик, но истовремено остави простор за разговори во рамките на коалицијата. Со тоа, уште една тема што бара политички договор се претвори во потенцијална закана за стабилноста на владиното мнозинство.
Опозицијата, пак, продолжува да отвора институционални фронтови. СДСМ поднесе интерпелација за министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ, со што повторно се отвори парламентарна расправа за работата на член на Владата. Дополнителен притисок создава и извештајот на Европската комисија за 2026 година, во кој се нотира дека нема напредок во борбата против корупцијата, а се посочуваат и проблеми во областа на слободата на изразување.
Сето ова се случува во период кога Владата има потреба од јасна комуникација, видливи резултати и единствена политичка порака. Наместо тоа, јавниот простор е исполнет со објаснувања, деманти, меѓусебни обвинувања и полемики кои ја потиснуваат темата за конкретните политики.
Мицкоски не може автоматски да биде одговорен за секоја изјава на функционер, за секој потег на независна институција или за секое несогласување меѓу коалициските партнери. Но, како премиер, тој ја носи политичката одговорност за функционирањето на Владата и за одржувањето на нејзината заедничка насока. Кога институциите испраќаат различни пораки, кога коалициските партнери јавно се обвинуваат, а владините претставници отвораат полемики што ја засенуваат позитивната работа на министрите, политичката сметка на крајот се испорачува на адресата на премиерот.
Затоа, прашањето не е само колку критики ќе упатат СДСМ и Левица. Прашањето е колку од нивните аргументи ќе произлезат од сопствените грешки на власта, од недоволната координација и од отсуството на единствена комуникациска стратегија.
Владата може да има резултати, но ако не знае навреме да ги претстави, а истовремено дозволува внатрешните конфликти да ја преземат јавната агенда, тие резултати остануваат во втор план. И тогаш, наместо политичките противници да мора да објаснуваат што не направиле, премиерот е принуден постојано да објаснува што направиле неговите соработници.
И на крај, останува прашањето: дали дел од луѓето во власта се изгубија во комоцијата на функциите? Дали Мицкоски толку многу ги релаксираше што подзаборавија зошто се таму каде што се и каква одговорност носат? Или, пак, станува збор за различни вредносни и политички погледи во самиот владин тим? Засега, не е јасно.
Но, едно е сигурно – одлуката како понатаму е на Мицкоски. Тој треба да покаже дали се согласува со пораките, настапите и потезите на своите соработници или смета дека е време да се промени курсот. Дали ќе застане зад нивната досегашна линија или ќе постави појасна насока за тоа како треба да настапува неговиот тим? Останува да видиме дали и премиерот се согласува со нив или конечно ќе одлучи да го промени курсот.

The post КОЈ МУ ГО ТРОШИ ПОЛИТИЧКИОТ КАПИТАЛ НА МИЦКОСКИ И ГО ОСТАВА „САМ ПРОТИВ СИТЕ“? appeared first on Politika.