Марија Митева, каде е згрозувањето за жените од Алта банка?!
КОЈА Е ЦЕНАТА НА ЖЕНСКАТА СОЛИДАРНОСТ – 10.000 ДЕНАРИ НЕДЕЛНО?!

За неколку секунди од еден телевизиски рилс имавте време за масовно споделување, јавни осуди и колективно згрозување. А за жените на кои им е ограничен пристапот до сопствените пари, сè уште не гледам ниту приближно иста сензитивност!

10.000 денари неделно! Износ што Трајко Славески го оцени како доволен. Доволен за кого, господине Славески? За самохрана мајка со две деца? За жена што сама издржува семејство? За мајка што треба да плати кирија, кредит, сметки, храна и лекови? Марија Митева, јавно објавете статистика! Колку жени се погодени од ограничувањата за располагање со сопствените средства? Колку од нив се самохрани мајки? Колку издржуваат малолетни деца? Колку имаат кредити, долгови и обврски што не можат да чекаат? И најважно, кој одлучува колку од сопствените пари ѝ се доволни на една жена за да преживее една недела? Каде се сега сите оние гласни бранителки на женската независност? Зарем финансиската слобода не е дел од женските права? Или правото на жената слободно да располага со сопствените заработени пари не заслужува ниту една јавна реакција? Марија Митева, дали и сега ќе дадете насока, па оркестрирано, по протоколарен список, сите по ред да го изразат своето згрозување? Ќе се наредат ли повторно јавните реакции, објавите и споделувањата? Ќе се активира ли истата чувствителност, истата солидарност, истата загриженост за женските права? Или за овие жени нема предвидено точка во протоколот за колективно згрозување? За еден рилс се најдоа зборови, време и огромна енергија. За реалните финансиски ограничувања што можат да го погодат секојдневието на мајките и нивните деца, сè уште чекаме одговори. Не барам згрозување по нарачка. Барам јавно објавени бројки, одговорност и еднаква чувствителност за сите жени! Па, Марија, ќе побарате ли јавно да се објави колку жени се погодени и какви последици трпат? Или женската солидарност почнува и завршува таму каде што завршува политичкиот интерес?

The post КОЈ ЌЕ ГИ ОДБРАНИ ЖЕНИТЕ ОД ФИНАНСИСКИОТ „НАДЗОР“ НА СЛАВЕСКИ?! appeared first on Politika.