Кој си дозволил врз еден од највредните симболи на македонската државност да монтира метални решетки без задолжително конзерваторско одобрение? И уште поважно – дали некој конечно ќе понесе одговорност или и овој скандал ќе биде затворен со службено соопштение, неколку бирократски фрази и колективно институционално молчење?
Објаснувањето дека станува збор за „превентивна заштита“ не може да биде алиби за непочитување на законската постапка, ниту за дупчење на автентичната структура на „Македониумот“. Ако Управата за заштита на културното наследство навистина не издала одобрение, тогаш некој свесно ја заобиколил надлежната институција или, уште позагрижувачки, воопшто не знаел дека такво одобрение е неопходно.
Затоа инспекцискиот надзор не смее да заврши само со констатација дека „се утврдени неправилности“. Јавноста заслужува да дознае кој ја донел одлуката, кој ја одобрил интервенцијата, кој ја извршил и кој ќе одговара доколку е оштетено културното добро. Мора да се утврди дали станува збор за неодговорно институционално самоволие, за грубо непознавање на конзерваторските стандарди или за неукост и некомпетентност на кадрите поставени да раководат со институциите што треба да го чуваат националното наследство.
Зашто, ако луѓето задолжени да го заштитуваат „Македониумот“ не ги познаваат ниту основните постапки за негова заштита, тогаш проблемот не се само решетките. Проблемот е што македонското културно наследство е оставено во рацете на кадри кои можеби немаат доволно знаење, стручност или чувство за одговорност за функциите што ги извршуваат. А за таков пропуст не е доволно решетките тивко да се отстранат – мора да има име, функција и одговорност.
Директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева, за „Сдк“ потврди дека институцијата не издала конзерваторско одобрение за поставување на металните решетки. Оттука произлегува клучното прашање: врз основа на чија наредба и каква документација била изведена интервенцијата?

„Македониумот“ уште во 2025 година бил прогласен за културно добро во опасност, по предлог на НУ Завод и музеј – Прилеп. Решението предвидувало итни мерки и поставување привремена конструкција над витражите и застаклените галерии. Но решението за заштита не претставува автоматско одобрение за конкретната интервенција, а според Честоева, такво барање воопшто не било доставено. Затоа е нареден вонреден инспекциски надзор.
Дополнителни сомнежи отвори и соопштението на Националниот конзерваторски центар од 24 јули. На фотографиите од стручниот увид решетките веќе се поставени, но не е наведено дека НКЦ дал согласност за нив. Констатирани биле сериозни оштетувања на витражите и носечката конструкција, а допрва била најавена изработка на соодветна конзерваторско-реставраторска документација.
Директорката на НУ Завод и музеј – Прилеп, Мимоза Христоска, тврди дека станува збор за привремени превентивни мерки и дека се подготвува Основен проект за санација на куполата. Сепак, не одговори дали пред започнувањето на работите било обезбедено задолжителното одобрение.
Загриженоста во јавноста дополнително ја засилија наводите дека решетките биле прицврстувани со дупчење на автентичната бетонска структура. Доколку инспекторите утврдат дека се интервенирало без одобрение или спротивно на конзерваторските стандарди, „превентивната заштита“ нема да може да послужи како оправдување.
Инспекцискиот надзор треба да утврди кој ја наредил интервенцијата, дали е оштетена автентичната структура и кој ќе понесе одговорност. Зашто „Македониумот“, симболот на Илинден, непокорот и слободата, денес не е загрозен само од времето, туку можеби и од институционалната импровизација.
The post КОЈ ГО „ЗАШТИТИ“ МАКЕДОНИУМОТ БЕЗ ДОЗВОЛА: Неукост, самоволие или институционален скандал? appeared first on Politika.