Министерот за здравство, Сашо Клековски во одговор на новинарско прашање како ќе се справат со новата здравствена криза во Гостивар бидејќи по завршување на оваа се очекува и појава на сезонски стомачни вируси, тој рече дека граѓаните треба да ги следат службените упaтства и официјалните канали за комуникација за заштита на нивното здравје.

-Би замолил да нема слободни јавачи на епидемијата, бидејќи има доктори кои не се епидемиолози и инфектолози и даваат различни мислења. Знам дека вакви состојби се популарни за собирање лајкови, но би замолил граѓаните да ги следат службените упатства и официјалните канали, рече Клековски.

Тој посочи дека Министерството ја следи состојбата и дека во анализата на микробиолошката состојба на заболените се вклучени и лекари од Клиниката за инфективни болести во Скопје.

-Ние секако ја следиме состојбата и во анализата на микробилолошката состојба е вклучена и Клиниката за инфективни болести, која има можност за тестирање на најширок панел на бактерии и вируси. Нема вирус кој не може да биде детектиран, изјави Клековски.

Министерот рече дека водата ќе биде ставена во употреба во моментот кога ќе биде целосно чиста.

-Во моментот нема агенси кои би ја смениле клиничката слка кај граѓаните после оваа состојба. Од она што јас го имам видено тоа се вируси и бактерии кои даваат веднаш клиничка слика каква што ја имамае, атоа се со стомачни проблеми и треска, кажа Клековски.

Министерот додаде дека денес се регистрирани 190 пациенти во Гостивар со вакви симптоми, вчера 260, и дека тоа е далеку помалку за разлика од викендот кога биле регистрирани над 600 заболени.

Е.Б.